
Македонистката Маја Ковач ја доби наградата „Радојка Вранчич“ во Словенија за препев на поетскиот опус на Даница Ручигај
Добитничка на наградата „Радојка Вранчич“ за млади книжевни преведувачи во Словенија, што ја доделува Друштвото на словенечки книжевни преведувачи од 2002 година, е македонистката Маја Ковач. Наградата таа ја доби за одличниот препев на целокупниот поетски опус на скопската поетеса Даница Ручигај (1934 – 1963), објавен во книгата „Srebrne nočne igre in Ujetniki vetra“ во 2022 година за „КУД Полице Дубове“.
Препорачано
Наградата ѝ беше врачена на 28 ноември, на јубилејниот 40. Словенечки саем на книги, на кој беа одбележани и сто години од раѓањето на поетот Иван Минати, инаку најпродуктивниот препејувач на македонската поезија во 20. век.
– Маја Ковач успешно се движи низ поезијата, која е мешавина на интимизмот и модернизмот, без да подлегне на претерано поедноставување или „подобрување“, од една страна, ниту на претеран херметизам, од друга страна. Препевот е читлив и течен, освен на места кога не треба – кога и оригиналот е полн со елипси, необични синтаксички структури, измешани зборови. Препејувачката успешно го открива и пресоздава сето ова на јазик кој е природен токму толку колку што бил природен јазикот на оригиналот – а зад сето ова стои посветената работа на запознавање со македонскиот книжевен контекст – стои во образложението на стручната комисија за наградата „Радојка Вранчич“.
Истакнатата македонистка во Словенија, Намита Субиото, посочува дека до сега Друштвото на словенечки книжевни преведувачи доделило две награди за преведувачи и препејувачи од македонски јазик, и тоа награда „Антон Совре“ за најдобрите преводи (што се доделува од 1963 година) на Иван Минати во 1972 година за препевот на поезијата на Кочо Рацин и на Вено Тауфер во 1975 година за препевот на поезијата на Влада Урошевиќ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)