Македонија за две позиции напредуваше на ФИФА листата
Во квалификациите за ЕП 2020 после ремито со Израел (1:1) и победата во Рига против Летонија (0:2), македонската фудбалска сениорска репрезентација бележи напредок од две позиции на денешната најнова објавена ФИФА ранг листа.
Моментно „црвено-жолтите“ предводени од селекторот Игор Ангеловски се наоѓаат на 69 место со 1339 поени, зад Кина (1340), а пред селекцијата на Саудиска Арабија (1336).
Наредните евроквалификациски дуели ќе ги имаме во Скопје на 10 октомври против Словенија, а три дена подоцна гостуваме во Варшава кај Полска.
Словенците исто така напредуваа за вкупно пет места и моментно 58 позиција, а Полјаците паднаа за две места и ја имаат 22 позиција на ранкинг листата на Светската фудбалска куќа.
На врвот останува Белгија со 1752 поени, Франција сега е второпласирана, пред Бразил. На четвртото место е Англија, па редоследно до 10 позиција се наоѓаат Португалија, Уругвај, Шпанија, Хрватска, Колумбија и Аргентина.