Мајки аларамираат дека се на продолжено породилно, а добиле отказ: Државата ќе ја продолжи исплатата на надоместокот

Плаќањето на отсуството го обезбедува државата, без разлика дали договорот на определено време престанал во меѓувреме или не, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Државата и натаму ќе го обезбедува месечниот надоместок на мајките кои користат продолжено породилно отсуство, а во фирмите каде што биле вработени на определено време, им бил прекинат договорот. Ова е најважниот дел од објаснувањето, кое Министерството за труд и социјална политика го даде за „Слободен печат“, откако повеќе наши сограѓанки алармираа дека дека се соочуваат со нов проблем, бидејќи и покрај фактот дека имаат добиено решение за продолжено отсуство, од фирмите каде што работеле не им ги продолжиле договорите за работа. Како што велат овие мајки, со прекин на договорот, им се прекинала и исплатата на парите за породилно отсуство.

– Бараме да ни се продолжи исплатата на месечниот надомест, бидејќи не одјавуваат од работа, не по наша вина. Вака сме оставени на милост и немилост- пишуваат засегнатите мајки до редакцијата на „Слободен печат“.

– Мајките коишто биле вработени со договор за вработување на определено време, доколку го започнале отсуството за времетраење на договорот, користат породилно отсуство кое е на товар на Фондот за здравствено осигурување, до истекот на законските девет месеци отсуство за едно дете, односно 15 месеци за повеќе деца (близнаци, тројки итн.). Плаќањето на отсуството го обезбедува државата, без разлика дали договорот на определено време престанал во меѓувреме или не -, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија, отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19. Продолжувањето на породилното отсуство се регулира преку Фондот за здравствено осигурување.​

– Владата оваа мерка ја продолжи на 27 мај и притоа нагласи дека истата ќе трае и понатаму, без оглед на тоа дали ќе има вонредна состојба или не. Суштината на мерката се состои во фактот што на овој начин се обезбедува здравјето и безбедноста на мајката и детето, а пошироко, заштита на мајчинството, кое согласно заложбите на Владата е императив, велат од МТСП.

Доколку мајката е вработена со договор за вработување на неопределено време и и престанало породилното отсуство, ако се врати на работното место, ќе биде загрозено нејзиното, а потоа и здравјето на нејзиното дете. Градинките не работат, а и детето е премногу мало за да биде примено во градинка. Значи, единствената возможна опција е мајката да остане на продолжено породилно отсуство. Во сегашнава состојба на пандемија, мајките на кои престанал да им важи договорот за вработување, по истекот на девет/15 месеци  платено породилно отсуство, немаат обврска да се вратат на работното место и од таа причина нема потреба нивното породилно отсуство да им биде продолжено. Тие остануваат дома и продолжуваат да се грижат за сопственото здравје и здравјето и безбедноста на детето. Дополнително, правото на отсуство за време на бременост, раѓање и родителство е право од работен однос, а оваа категорија на работнички веќе не е во работен однос. ​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот