Мајка и малолетен син од Франкфурт под истрага за саботажата на гасоводот Северен ток

Мапа од местото на хаваријата / Фото: Energystirelsen

Федералната канцеларија за борба против криминалот (БКА) претресла стан во Германија и интервјуирала жена во рамките на истрагата за саботажа на гасоводот Северен тек. Какви сознанија имаат германските медиуми?

Тоа е веројатно една од најексплозивните истражни постапки во историјата на Сојузна Република Германија, пишиува Дојче Веле.

Сојузното државно обвинителство со месеци се обидува да ги расветли околностите за нападот на гасоводот „Северен тек“ во септември 2022 година. Истрагата се води под сомнение за „противуставна саботажа“ на дното на Балтичкото Море. Сојузната канцеларија за борба против криминалот и Федералната полиција добија задача да ги пронајдат сторителите кои ги уништија цевките на германско-рускиот гасовод на длабочина од околу 70 метри под површината на морето.

Јахта со име „Андромеда“ долга 15 метри веќе извесно време е во фокусот на интересот на германските истражители. Се сомнева дека таа го напуштила пристаништето Росток, на германскиот балтички брег, на почетокот на септември минатата година. Лицата кои најверојатно биле на бродот во моментот на поаѓање, очигледно му дале фалсификувани пасоши на изнајмувачот на пловилото. Во текот на истрагата, БКА подоцна открила траги од експлозив на таа јахта.

Од јахта до украинската војска?

Судејќи според истрагата на германските јавни радиодифузери WDR и NDR, како и на дневниот весник „Зидојче цајтунг“, наводно неколку индиции поврзани со изнајмувањето на „Андромеда“ водат до Украина и до круговите на украинската војска.

Најпрвин во овој контекст се споменува туристичка агенција во Варшава, која очигледно служела само како покритие, односно еден фалсификуван романски пасош кој според сознанијата на германските истражни органи очигледно го користел млад Украинец. Тој, пак, се сомничи дека е поврзан со украинската армија. Освен тоа, истражителите на „мета“ имаат и некои други лица, кои ги сметаат за можни помагачи на групата која, како што се сомнева, го извршила нападот.

Претрес на жена сведок

БКА во текот на изминатата недела, како што објавија гореспоменатите германски медиуми, во рамки на истрагата за околностите за нападот на Северниот тек во Франкфурт на Одра, извршила претрес во станот на лице кое го нема статус на осомничен. Станува збор за поранешна партнерка на осомничен Украинец против кого се води конкретна истрага. Таа била сослушана, а според германските медиуми и бил одземен и мобилниот телефон.

Сведокот и осомничениот Украинец очигледно имаат едно заедничко дете. Како што понатаму се наведува, извесен период живееле заедно. Истражните органи на БКА, судејќи според информациите на медиумите, зеле примерок од ДНК на тоа дете за да ја споредат со ДНК пронајдена на јахтата „Андромеда“. На овој начин тие имаат намера да проверат дали осомничениот Украинец навистина бил на тој брод во септември минатата година.

Портпаролката на германското сојузно државно обвинителство потврди дека „25. мај, во Франкфурт на Одра, беше извршен претрес на станот на лице кое не е осомничено“. Дополнителни детали за текот на истражната постапка не се соопштуваат. Сојузната канцеларија за борба против криминалот не сакаше да коментира на прашањето на германскиот медиумски тим.

Истрагата продолжува

Освен во германската истражна постапка, истрага за околностите на нападот на гасоводот „Северен тек“ во моментов се води и во уште неколку европски земји. Со случајот се занимаваат данските и шведските власти, но речиси ништо не се знае за моменталниот статус на истрагата во тие две земји. Надлежното државно обвинителство во Шведска неодамна само кусо објави: „Имаме добра слика за тоа што се случило на местото на злосторството, односно како е извршена акцијата.

Дополнително, во последните месеци повеќе медиуми објавија за сомнителни руски воени бродови кои се наоѓале во близина на гасоводот непосредно пред експлозиите на Северен тек. Делумно, како што пишуваше, тие бродови ги исклучиле сигналите за да не можат да се лоцираат.

Извори во германските безбедносни кругови наведуваат дека тоа не е невообичаено кога станува збор за руски воени бродови и додаваат дека тоа редовно го прават во областа на Балтичкото Море. НАТО сè уште може да ја следи рутата на овие бродови. Германските истражители ги испитувале и тие траги, односно анализирале сателитски снимки и радио сигнали.

Засега, според истражните органи, најконкретна трага во истрагата е јахтата „Андромеда“ – иако не е исклучена можноста дека се сака истражителите всушност да бидат „водени“ по погрешна и лажна трага, т.е. при изнајмувањето на „Андромеда“ се работеше за таканаречената операција „Лажно знаме“.

Скептицизам на БНД

Официјалните коментари на релевантните германски државни органи звучат прилично резервирано во последно време. На неодамнешниот настан во Берлин, Бруно Кал, претседател на БНД (тајна служба за операции во странство) рече дека не треба да се надеваме на брзо разјаснување на околностите за нападот на гасоводот.

„Ниту една земја во светот, ниту една разузнавачка служба на овој свет, моментално не е во позиција да го стори тоа конкретно“ – односно да ја префрли одговорноста за нападот на некој конкретен.

Кал ова го изјави на состанокот на Федералната академија за безбедносна политика (Бакс), а во исто време додаде дека има „индикации кои водат во сите можни правци“.

Портпаролот на федералната влада Штефен Хебестрајт, исто така, не сакаше да каже ништо конкретно минатата недела:

„Можеме да кажеме нешто значајно за ова само кога имаме одредени индикации, односно јасни докази за тоа кој стои зад чинот“, рече тој.

Сепак, Хебестрај додаде дека е јасно оти е потребна „значителна количина криминална, а можеби и терористичка енергија“ за да се спроведе таква акција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот