Магарешка работа на тројанските коњи

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Навистина, сме се изнаслушале секакви квази-интелектуални бравури од разни анти-македонски активисти кај сите наши соседи по повод нашето национално непостоење, но на Ангел Димитров би требало да му се додели некаква „Златна бубамара“ за особени подли заслуги во таа жална балканска дисциплина, дури и во острата конкуренција со бившите шампиони на таа кауза, Каракачанов и госпожа Захариева.

Баш убаво што колешката Катерина Блажевска од редакцијата на Дојче Веле ни пренесе делови од текстот на копретседавачот на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања (и некогашниот бугарски амбасадор во Скопје) Ангел Димитров кој деновиве во некое периодично европско забравам-му-името списание пишува дека, влезе ли во ЕУ, Македонија (заедно со Србија) ќе биде рускиот „тројански коњ“ во Унијата.

Пфффкхахахааахаа! … Ах, бре, Ваша Екселенцијо амбасадорска, да пукнете, до солзи ме изнасмеавте! Неговата теза е дека Македонците, бидејќи сме производ на Коминтерната на Сталин и Тито, со самото наше постоење при влез во ЕУ би ги внеле диктаторскиот „дискурс“ на двајцава, што ќе го загрози демократскиот систем на европски вредности чиешто зачувување го штити Бугарија со ветото за нашата натамошна интеграција. Пфффкхахахааахаа!

Навистина, сме се изнаслушале секакви квази-интелектуални бравури од разни анти-македонски активисти кај сите наши соседи по повод нашето национално непостоење, но на Ангел Димитров би требало да му се додели некаква „Златна бубамара“ за особени подли заслуги во таа жална балканска дисциплина, дури и во острата конкуренција со бившите шампиони на таа кауза, Каракачанов и госпожа Захариева.

А, знам една држава која во ЕУ, откако е примена во членството и таму и во НАТО, а особено во деновиве на украинската војна, се третира не како „тројански коњ“, туку како „тројанско крдо на слонови“ кога е руското влијание во прашање! Во споредба со неа, ние не би можеле да бидеме ни „тројанско магаре“ на таквото влијание, иако овдека „магариња“ по тоа прашање навистина има прилично доволно. Во оваа држава тие „магариња“ ја изложуваат на невидена харанга на омраза овдешната министерка за одбрана поради нејзиното доследно спроведување на сојузничките политики на НАТО кон Русија; а во таа една друга држава тукушто мораа политички да го „ликвидираат“ својот министер за одбрана бидејќи доследно се залага за руските стратегиски ставови против НАТО, откако претходно ги исчистија сите сениор-советници на министерката за надворешни работи заради документирана соработка со советските разузнавачки служби, а поапсија и нешто генерали за шпионажа по истата „тројанска“ руска линија.

И тоа е само врвчето на руската санта мраз што со децении удобно плови низ политичките, безбедносните, бизнис, историчарските, академските, културните и сите други општествени води на таа држава. Кој не ми верува мене, нека помине макар само еден час кој било ден во неделата читајќи ги нивните информативни портали посветени на таа тема. Објавени „доклади“ (македонски: извештаи) за нивните долгогодишни ангажмани „по темата“ има колку сакате.

Туку, што да правиме со г. Ангел Димитров? Бидејќи, со неговиот трудољубив придонес во Комисијата за историски и образовни прашања ќе постигнеме таман толкав напредок по темите за кои се дискутира на агендата на таа Комисија, колку што се придвиживме во добрососедските односи додека тој беше прво генерален конзул, а потоа и бугарски амбасадор во Скопје: Нула!

Токму тоа – да има нула договор – е, всушност, точниот опис на резултатот на македонско-бугарскиот дијалог на кој се надеваат газдите на шталите за „тројански коњи“ за кои пишува самиот Димитров. Тој тоа или не го разбира или – напротив – одлично го разбира. Бидејќи „до запирка“ го споделува својот анти-македонски, со компаративниот став на историчарот Путин за потеклото и денешната „супстанца“ на украинската нација. Разликата им е, претпоставувам, само околу потребата за  „денацификација“ на Украинците за која г. Димитров веројатно има, во принцип, малку поинакво толкување, со оглед на реалните бугарски историски искуства.

Нормално, г. Димитров е научник, не сака да прави компромиси со интегритетот на своите апсолутни историски вистини во однос на измисленоста на македонската нација, тие не се за политичко пазарење во зависност од историскиот опортунитет (каков што е влезот на Македонија во ЕУ; или агресијата на Русија врз Украина). Но, г. Димитров е и поранешен висок дипломат на својата земја, па е најмалку непристојно да седи и на ко-претседавачкото столче на македонско-бугарската Комисија, а истовремено да се прави дека не разбира што значи седењето и на „столчето“ за пропагандно озборување на македонската нација по литерарно-историските списанија во време кога интеграцијата на Балканот во евро-униската архитектура не е само повод за бугарско историско академско надмудрување, туку е и регионално безбедносно прашање.

И Путин си мислеше дека со тенковска прошетка до Киев може да се коригира историјата по сопственото апсолутно толкување. Ене го, заглавен во калта, создава нова трагична историја чија смисла ни овдешните тројански фејсбук-магариња не можат да ја протолкуваат.

Што ли, пак, си замислува г. Ангел Димитров кога на Европејците им раскажува слични магарешки историски приказни за руските „тројански коњи“ на Балканот, навредувајќи ја и македонската, а и бугарската интелигенција? Небаре во Македонија имаме малкумина како Димитров кои би направиле сѐ, само до подобрување на македонско-бугарските односи никогаш да не дојде…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот