Маџирмалци не сакаат 50 хотели во населбата: Кој сака, нека ги гради во Дебар Маало, Капиштец или на Водно!

Фото: Фејсбук

Жителите на Маџир Маало  не отстапуваат од намерата да се изборат на просторот на ова стара скопска населба да не се градат хотели и деловни објекти, како што предвидува и новиот ДУП, којшто е подготвен, но сѐ уште не е донесен од Советот на Општина Центар.

Тие велат дека уште во 2019 година поднеле петиција со 388 потписи барајќи од планот да се исфрлат комерцијалните објекти. Маџирмаалци сметаат дека доколку ваков план се усвои, тогаш дел од нив треба да си ги соберат „парталите“, и да остават во централното градско јадро да се градат хотели.

Поднесовме петиција со 388 потписи против изградба на комерцијални објекти. Нема да прифатиме комерцијални објекти, не може да се гради еден објект за домување, еден комерцијален. Џабе се прават вакви планови кога не ги сакаме. Нам не ни требаат комерцијални објекти. Кој сака нека ги прави во Дебар Маало, Капиштец или на Водно, ние не даваме – вели жител на населбата.

Дел од жителите присуствува на последната седница на Советот на Општина Центар, каде една од точките на дневен ред беше и ДУП Градска четврт И 05, Маџир Маало 2. Тие повторно укажаа на катастрофалната состојба во која се наоѓа Маџир Маало, каде дел од куќите буквално се распаѓаат, нема канализација, не се гради,но и дека очекувале подобар план од претходниот, а повторно им се нуди ист, со деловни објекти, односно со хотели и угостителски објекти поради близината на железничката станица.

Најновиот ДУП за Маџир Маало се подготвуваше од 2019 година, помина низ сите институционални чекори, доби позитивен одговор од сите надлежни институции, за него се одржаа две јавни анкети, на кои граѓаните поднесоа мноштво анкетни листови со забелешки.

Според планерите, новиот ДУП е многу подобар од претходниот, во него е сочувано државното земјиште, предвидени се повеќе мали парцели со зеленило, но и детска градинка за 60-тина деца. Сочувани се постоечките улици, а некои се проширени и предвидени се и велосипедски патеки. Сепак она што ги вознемирува жителите е тоа што и во овој план, речиси половината од предвидените 100 објекти се со намена за деловни објекти.

Од друга страна пак, очигледно никому не му пречи, што во оваа населба, каде сега нема згради туку ниски, главно стари куќи од пред земјотресот, се предвидени 50 – тина згради за домување со приземје, пет ката и поткровје и деловни објекти со слична катност, што би значело дека доколку стапи на сила планот и почне да се гради по него, Маџир Маало ќе се претвори во уште една бетонска населба во какви што се претворија повеќето стари скопски населби. Особено што во предложениот ДУП објектите се блоковски организирани.

Планерите, но и градоначалникот Горан Герасимовски објаснија дека намените во планот се утврдени во постоечкиот ГУП и поради тоа не можат да се направат поголеми отстапувања.

Градоначалникот рече дека сите петиции од граѓаните се доставени до Град Скопје, за да ги имаат во предвид при изготвувањето на новиот ГУП кое е во тек. И тој се согласува дека толкава количина на објекти со Б намена не е соодветна за таков простор.

ДУП Градска четврт И 05 повторно ќе се разгледува на наредната седница на Советот. Во меѓувреме, него треба да го разгледа стручната фела, и да ги разгледа можностите. Но, долку нема промена во намената во новиот ГУП и да се подготви сосема нов Детален урбанистички план, нема отстапување, повторно ќе има деловни објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот