Локални избори 2021: Аеродром „ќе крцка“ од нови катни гаражи, паркови, градинки, киносали…

Зелен плоштад Аеродром, Фото: Град Скопје

За градоначалник на скопската општина Аеродром, функција што во последните четири години ја имаше Златко Марин од СДСМ, се натпреваруваат петмина кандидати. Дипломираниот економист и поранешен пратеник од редовите на СДСМ Александар Филиповски, за главен ривал во Аеродром го има 32-годишниот Тимчо Муцунски. Муцунски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери, а е доцент по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје. Довербата на аеродромци на 17 октомври ќе ја бараат и атлетската репрезентативка Весна Кираџиева од политичката партија Левица, Билјана Аврамоска-Ѓореска, дипломиран правник од Коалицијата ЛДП-ДПМ – Движење „Одлучно за промени“, како и Миле Петковски од Трајно македонско радикално обединување – ТМРО.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата Александар Филиповски ветува дека, ако стане градоначалник, во општината ќе има 3.000 нови паркинг-места, односно повеќе од 12 катни гаражи, како и нови зелени површини и разубавување на постојните, две нови градинки и младински центар.

– Сервисните улици, пешачките зони и плочници повторно ќе се мијат со цистерни, со што ќе добиеме почисти јавни површини. Аеродром ќе биде општина – дом за сите генерации. Затоа што планираме младински центар, но и активни центри за највозрасните. Ќе изградиме сензорни соби, со цел еднакви шанси и за учениците со попреченост, ќе ги подобруваме сервисните улици, но и ќе правиме 20 километри нови велосипедски патеки – истакна Филиповски во едно од своите предизборни претставувања.

Неговиот политички ривал Муцунски најави реализација на четири нови градинки, со „нула трошок“ за родителите, кино, театар, читална, забавен парк, современа, модерна и урбана општина, како директна помош од Словенија за пристап до европските фондови.

– Додека власта нè навредуваше, во Љубљана постигнавме договор за директна словенечка помош за пристап до европски фондови за Општина Аеродром. Ние внатре во државата сме опозиција, но надвор работиме единствено и само во интерес на секој од вас. Навредите и клеветите се одраз на немоќ и незнаење – порача Муцунски. Тој пред аеродромци вети дигитализација на општината преку проектот наречен „Смарт Аеродром“.

Аврамоска-Ѓореска од движењето на ЛДП и ДОМ рече дека како кандидатка за градоначалничка, целиот свој капацитет и своето срце ќе го даде за Аеродром, на кој ќе се гордееме. Според неа, во изминатите 17 години го потврдиле сивилото во управувањето на општината, а сега е потребно вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките.

– Да се оттргнеме од празните ветувања и од неостварливите проекти од изборната кампања на другите кандидати. Градежниот грев во стариот Аеродром, кое е новото Дебар Маало, е нешто на кое сведочиме. Сега е моментот за промени, да ставиме крај на сето тоа и да свртиме нова страница. Аеродром заслужува алтернативи за економски развој, енергетска ефикасност и рамномерен развој и во урбаниот и во руралниот дел – истакна Аврамоска-Ѓореска.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот