Љутков: Ќе ги санираме културните установи, толку се девастирани што не знаеме кој крај да го фатиме

Министерот Љутков и директорот на НОБ Оливер Арсовски/Фото: Фејсбук

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во рамки на редовните посети на националните установи, лично се увери во напредокот на обновата на Националната опера и балет, најстарата институција од овој тип во државата каде за помалку од 100 дена со сопствени средства на НОБ и со донации и спонзорства се санирани некои ургентни состојби во внатрешноста со кои се подобруваат условите за уметниците, но и за посетителите.

Но во експозето за сработеното во првите 100 дена од новата Влада премиерот Мицкоски не спомена ниту еден проект од културата и туризмот, па министерот Љутков најави прес-конференција на која ќе ги претстави сите реализирани проекти во овој период.

Повеќето други установи од културата се во очајна состојба, констатира резигнирано министерот Љутков, дури и некои од поновите, градени 2014-15 како што е објектот на Македонскиот народен театар кој протекува кога има врнежи. Според министерот, објектите се девастирани и ќе треба време да се санираат последиците од недомаќинското работење на претходната влада во изминатите 7 години.

– МНТ е нова институција и не е точно дека таа не е градена квалитетно. Која било институција ако не се одржува, нормално дека ќе попушти. И дома ако не одржувате ќе се случи нешто. Не ги третирале како да се нивна сопственост. Буквално агресивно и вулгарно се однесувале кон институциите. МНТ можела да добива средства за поправки, со 50.000 евра можеле да се направат интервенции и да нема повеќе штети. Тие 7 години не ги одобрувале тие средства 50.000 евра, иако имало проект и сега ние за наредната година имаме проект и ќе го санираме, ќе го доправиме уште малку, и ќе запре протекувањето во МНТ. Овде ќе се санира кровот и ќе запре протекувањето, но до толку се девастираме во овие 7 години што навистина веќе не знаеме кој крај да фатиме – вели Љутков.

Од друга страна во Националната опера и балет веќе влезот во фоајето доби нов лик како и тоалетите за посетителите, а ќе се расчистува и Ателјето за нова сценографија за новите проекти, набавен е нов балетски под за целата сцена, а останува да се среди покривот кој исто така протекува и главниот влез.

– По Нова година ќе има поголеми интервенции во заградата, за обнова на институцијата за да изгледа како што треба, како што доликува на една ваква институција, но главната поента на Министерството е да ја поддржи живата уметност, односно да вложи значителни средства, во репертоарот на куќата и тоа го прави и наскоро ќе се види – вели директорот Оливер Арсовски.

Тој го најави оперско – балетскиот проект „Кармина Бурана“ за 16 октомври, а потоа и „Дамата со камелии“ на Верди. Ноември во НОБ ќе биде месец на Пучини, па на репортоарот се „Боеми“, „Тоска“, Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ со странски пејачи и диригенти.

Меѓу проектите кои се предизвик за Министерството за култура и туризам во наредниот период е обновата на руинираната Централна пошта во Скопје која треба и да стане мултифункционален комплекс кој треба да биде готов во наредните три години, односно кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата за 2028 година па во таа насока веќе е формирана Работна група од европските комисии и од Министерството за транспорт и врски и од култура.

Поради законски пречки засега Министерството не може да ја реализира планираната реконструкција на Универзалната сала бидејќи објектот е на Град Скопје и има проблеми со документацијата за нејзино времено преземање заради обнова.

-Не зборуваме за нов проект, не зборуваме за рушење, само за легално преземање на овој постоечки проект којшто го имаме сега за да бидеме и ние сигурни и исправни пред Законот за да можеме да продолжиме најлогично како што треба – нагласи Љутков.

Министерот најави дека наскоро ќе биде распишан конкурс за креативни индустрии од кои државата може да има голем економски бенефит, а културата да стане значајна економска гранка во државата, додека пак финансирањето на интердисциплинарните индустрии прво треба да биде регулирано со закон за да се отвори конкурс за нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот