Листата на имиња на улици и плоштади дополнета со 571 предлог: Заминува „Аминта Трети“, се враќа „Ленинова“

Доколку Советот на Град Скопје ги усвои дополнувањата на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, тогаш повторно ќе се вратат старите имиња на улиците кои се дел од колективната меморија на скопјани –  „Бихаќка“, „Водњанска“, „Железничка“, „Каирска“, „Ленинова“, „Првомајска“, „Иво Лола Рибар“, „4 Јули“, „29 Ноември“ и други. Овие улици,  на кои имињата им беа променети од претходното градско раководство, меѓу граѓаните никогаш не се нарекуваа поинаку отколку со старите називи, кои сега одново се предлага да им се вратат.

– Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици, напиша градоначалникот Петре Шилегов на Фејсбук.

Со усвојувањето на ова дополнување, постојниот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.

На списокот можат да се видат имиња на повеќе македонски актери, писатели, уметници, историски личности, градоначалници на Скопје, спортисти и значајни личности на светско ниво. Предложени се и имињата на македонските музички групи „Бис Без“, „Леб и сол“, „Лева патика“, но и на „Квин“ и на Дејвид Боуви и Френк Запа. На листата е и името на култниот скопски кројач Ангелковски, новинарите Никола Младенов и Верољуб Андоновски, а се предлага Градски парк да добие име „Безвременски“.

Од Град Скопје информираа дека со ова дополнување би се зголемил бројот на имиња на жени и настани што оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење.

– Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека останатите 92 имиња се имиња на поими што означуваат поважни настани, топоними и други поими, објаснуваат од Градот.

Летото 2019 година, Градот спроведе онлајн анкета на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи.

– Законот предвидува две одделни постапки за утврдување имиња и нивно задавање на конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по неа, велат од Град Скопје.

Откако Советот ќе ја усвои листата, потоа може да се пристапи кон менување конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, кои се менуваат со посебни одлуки на Советот, а сите идни промени според законот, мора да се прават само од оваа листа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот