Лекови на рецепт ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛ МЕСЕЦ, уверува министерот Филипче

лекови

Министертор за здравство Венко Филипче е дециден дека со укинување на квотите за лекови во аптеките нема да се доведе во прашање финансиската кондиција на Фондот за здравствено осигурнурање бидејќи согласно сите направени анализи не би требало да се потрошат повеќе пари од оние што и сега се издвојуваат за оваа намена.

-Не очекуваме да нема пари такво сценарио е невозможно. Со укинување на квотите но и со воведување на дополнителни механизми за контрола ќе се создадат услови да има лекови во текот на целиот месец. Пациентите ќе се ослободат од психичкиот притисок дека може да останат без лек, а ќе се спречат и евентуални злоупотреби, кои имаме сознанија дека се правеле – вели Филипче.

Тој очекува новиот систем да стартува во септември. Филипче вели дека тогаш ќе бидат јавно соопштени сите сознанија до кои дошле во анализите меѓу кои и оние за злоупотребите на рецептите, за што зборуваше премиерот Зоран Заев, како и директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев.

Неофицијално оваа шема изгледала вака. Матичен лекар препишува рецепти за сите пациентите, на пример ако има 2.500 пациенти препишува 2.500 рецепти и потоа овие рецепти ги дава на аптека, која пак прави дека лековите фиктивно се подигнати.  Потоа аптеката овие лекови или ги продава како комерцијални или ги изнесува надвор од земјава. Ова е возможно бидејќи сега нема контрола врз тоа дали лицето на чие име е препишан лекот навистина е тоа кое го подигнало лекот. Со новините што ќе стартуваат од септемрви ќе се прави тракинг, односно следење на рецептите. Оние кои се дел од процесот на контрола велат дека не е можно со зголемени пари за лекови, а со намален број на луѓе кои реално живеат во државата и не променета позитивна листа да има недостиг на лекови.

Оние кои пак не веруваат во одржливоста на овој проект, велеат дека ова е една популистичка мерка која нема да биде одржлива на долги стази, бидејќи засега не е јасно како ќе се финансира. Велат и дека злоупотреба може да има, но тоа се излирани случаи, со кои не може да  се правда големиот недостиг на лекови.

Вчера на седница на Влада е усвоена предлог – уредбата за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи, со што се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации коишто можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет.

-Ова е дел од мерките за надминување на недостигот на лекови. Им се дава можноста на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор. Исто така, целта е да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, коишто ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот