Лефков: Владата и премиерот Мицкоски се мета на дискредитација од бугарските служби
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на прес конференција објави дека се води координирана и насочена операција на дискредитација против Република Македонија, против Владата и лично против премиерот Мицкоски, за која рече дека е спроведена од бугарските служби и нивните соработници во Македонија.
Препорачано
Оваа операција, како што рече Лефков се спроведува со употреба на класични хибридни методи: ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации, и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации.
„Сите овие активности, кои се засилуваат по секој пораз на бугарската дипломатија во европските институции, се водат од мрежа на медиумски портали во Бугарија, зад кои стојат структури на бугарските служби и блиски кругови до националистичките партии. Во таа мрежа се вклучени портали како Tribune.bg, Lupa.bg, Epicenter.bg, Pogled.info, како и стотици веб-страници кои секојдневно сериски продуцираат лажни вести. Сомнежите за постоење на такви дезинформациски мрежи се веќе документирани и од меѓународни извори. Уште претходно, Digital Forensic Research Lab разобличи мрежа од стотици координирани портали со потекло од Бугарија, кои се користат за ширење антизападни, а и антимакедонски наративи. Според нивниот извештај, тие функционираат преку субдомени и синхронизирани Фејсбук страници, со цел поддршка на агенди кои се косат со вредностите на демократијата, стабилноста и евроатлантскиот курс. Дел од овие содржини, за жал, ги преземаат и портали во Македонија блиски до СДС, а некои завршуваат и во традиционалните медиуми“, изјави Лефков.
Според Лефков, координираната операција нема идеолошка основа, туку е мотивирана од реваншизам. По осудата на бугарските позиции во Европскиот парламент, рече дека е активирана е старата мрежа на дискредитација.
„Очигледна е и улогата на СДС, која, наместо да се дистанцира од ваквите деструктивни операции, продолжува да учествува во нив со замислата дека ако ѝ наштети на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се врати на власт. Но вистината е една: со ваквите постапки, СДС ѝ нанесува директна штета на Македонија. Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ! Прво се појави Апасиев. Не им успеа! Па следуваше ново подбуцнување: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија. Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди“, изјави Лефков.
Претходно, бугарскиот медиум „Лупа.бг“ објави дека Христијан Мицкоски во 2008 година кога не бил на премиерската позиција, аплицирал за бугарско државјанство во конзулатот во Скопје, па се откажал.


