Лаги за коронавирусот: Задржување здив, лук, сладолед, жежок чај..

зеленчук

Ширењето паника во период на коронавирус многумина овие денови е се почесто и затоа бидете внимателни со пораките кои ги добивате преку социјалните мрежи – главно се лажни.

Последниве недели епидемијата на коронавирус ја следи и епидемија на лажни вести. Се шират неформално, преку социјалните мрежи, со наметнати авторитети како „другар на другарот“ , „од некој близок до власта“ и слично.

Освен ширење на паника, тука се чести и лажните вести за работите кои го лечат или го спречуваат заразувањето со коронавирусот.

Така на интернет се прошири веста дека горештината го убива коронавирусот, па на сите им се „препорачува да стојат на сонце и да пијат жешки напитоци“. Пораката е објавена со потпис на УНИЦЕФ, што потоа беше демантирана. Информацијата беше „засилена“ и со твдењето да се избегнува сладолед и останата студена храна, зошто тоа помага во спречување на заразата. УНИЦЕФ и тоа го демантираше.

Тука е и неизбежникот лук. Секако на Фејсбук се појави информација дека лукот го спречува коронавирусот, што е голема лага. Имено, лукот има одредени антибактериски дејства, но нема ниту еден доказ дека помага против коронавирусот. Односно нема докази за ниту еден продукт во светот дека е ефикасен во борбата против коронавирусот.

Последниве денови се прошири и оваа порака:

„Пијте неколку голтки вода на секои 15 минути. Зошто? Дури и ако вирусот влезе во устата, водата го носи низ хранопроводникот до желудникот. Кога ќе стигне таму, киселината во вашиот желудник ќе го убие. Ако не пиете доволно вода, вирусот може да се пробие низ вашите дишни патишта и да влезе во белите дробови“.

Професорката Труди Ланг од Универзитетот во Оксфорд вели дека не постои „биолошки механизам“ кој би ја поддржал идејата дека респираторен вирус едноставно може да се испрати во стомакот и таму да се убие.

Инфекција како што е како коронавирусот влегува во телото преку дишните патишта додека лицето вдишува. Вирусот може да влезе и преку уста, но дури и постојаното пиење вода не може да го спаси лицето од зараза.

Но, без оглед на тоа, пиењето вода и одржувањето на хидрираност главно се добар медицински совет, стои во заклучокот.

Тука е уште еден хит меѓу лажните вести, веројатно сте го добиле преку Вибер, а станува збор за „куќниот тест“ кој налага да го задржите здивот подолго од 10 секунди, а доколку ви успее тоа – без кашлање, нелагодност, гушење и напнатост, значи дека во белите дробови нема цистична фиброза, што е знак дека нема ни инфекција.

Тој тест е вообичаена глупост и тешка лага, зошто нема здравствен доказ за тврдењето дека задржуваењето здив 10 секунди укажува на тоа дека белите дробови се здрави. Не постои ниту доказ за имплицираното тврдење дека КОВИД-19 е единствена причина поради која некој не може да го задржи здивот 10 секунди, односно дека причина за тоа е белодробна фиброза предизвикана од вирусот.

Сите овие лажни информации се шират низ целиот свет, нема држава во која сите овие приказни не се проширија преку социјалнтите мрежи, а веројатно ќе ги има уште повеќе во наредниот период.

Инаку, лажна вест која сега се шири преку социјалните мрежи во државите каде е прогласен карантин, како на пример Италија, Франција или Грција, е: „прогласија карантин и никој не смее да излезе од дома зошто ја кријат точната бројка на заразени“.

Не пробувајте ни да го „убиете“ вирусот со жестоки пијалоци, како ракија, виски или вотка бидејќи околу 30 луѓе во Иран се усмртија практикувајќи го овој „лек“.

За да си го сочувате менталното здравје или сметате дека новостите ви создаваат стрес, читајте вести директно од проверени медиуми, а не од социјалните медиуми, форуми и слично.

Хранете се здраво, пијте течности и пробајте да вежбате дома, барем 20 до 30 минути дневно, а доколку сте пушач, осмелете се да бидете доволно храбри и волни и за да ги откажете цигарите. На тој начин ќе го зајакнете имунитетот, кој е клучен во борбата против Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот