Културниот десант и падобранците

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Јасно е дека „културниот“ центар не е нималку културен, туку пропаганден. Ако беше културен, во него немаше да доминираат „историски книги“, архивска „граѓа“ и политички памфлети, туку дела од современата бугарска литература, проза и поезија, филмови, изложби, кои заслужуваат да ги запознае македонската јавност.

Ако случајно денеска (сабота) се затекнете во Битола, на Широк Сокак, може да бидете сведок на една невообичаена глетка. Со службени лимузини и обезбедување, или пеш, свита важни, дотерани бугарски политичари ќе сврти откај „Епинал“ по „Рузвелтова“, ќе продолжи покрај Домот на културата и малку подолу на истата улица ќе се собере пред една канцеларија „три на четири“. Покрај актуелната шефица на дипломатијата Теодора Генчовска, и потпретседателката Илијана Јотова, битолчани ќе можат да ги препознаат и Екатерина Захариева, како и Красимир Каракачанов, за кој мислевме дека по изборите е политички мртов.

Оваа висока државна делегација ќе биде пречекана од група поддржувачи, но не и од македонските колеги и домаќини, бидејќи таа во Битола ќе присуствува, како што е најавено, „во приватно својство“. И во такво својство ќе го отвори новиот Културен центар на Бугарите во Македонија „Иван Михајлов“. Опремен со компјутери, со околу две илјади „историски“ книги,  украсен со големи фотографии на македонски револуционери и дејци и, како што се пофалија самите иницијатори, со многу „архивска граѓа“. Веројатно гостите ќе се сликаат, ќе дадат по некоја изјава дека „нема напредок во преговорите“, или дека „соработката се одвива во добра атмосфера“, а потоа „приватно“ ќе заминат и за Охрид, на отворање сличен центар. Меѓу нив може, ама не мора да биде и премиерот Кирил Петков, кој ќе долета со хеликоптер, со малку поинаков тајминг и агенда – отворање далновод, овој пат заедно со македонските домаќини – како илустрација на неговите малку поинакви приоритети.

Искрено посакувам овој настан да помине, што би се рекло, во најдобар ред, без никакви инциденти и провокации, иако самиот настан во суштина е еден облик на инцидент и провокација. Јасно е дека „културниот“ центар не е нималку културен, туку пропаганден. Ако беше културен, во него немаше да доминираат „историски книги“, архивска „граѓа“ и политички памфлети, туку дела од современата бугарска литература, проза и поезија, филмови, изложби, кои заслужуваат да ги запознае македонската јавност. „Расте“ ли нешто друго во Бугарија, освен историја и политика? Има ли стрипови, книги за деца, цртани филмови, рокенрол, панк, рап? Таков центар е навистина потребен и убаво би било да го има. Да беше таков овој центар, почесни гости би биле, да речеме, Георги Господинов или Теодосиј Спасов, а не Захариева и Каракачанов. По сите навреди и штета што ѝ ја нанесоа на Македонија, како најголеми експоненти на политиката „вето за Македонија“, самото нивно присуство тука е чин на некултура!

Не, овој центар нема врска со култура, туку има само една цел – убедување или, по нивно, „освестување“ на Македонците дека – Македонци не постојат! Како ова се вклопува во идејата за добрососедство? Зашто, едно е да се промовира културата на својата земја, а сосема друга е да се пропагира дека културата, јазикот или нацијата на земјата домаќин – не постојат! Тоа не е добрососедство, туку непријателска активност! Ова најубаво го поткрепуваат и насловите со кои овој настан се најавува во бугарските медиуми, каде се нарекува – „културен викенд-десант на Македонија“! Изборот на зборови говори сè.

Сепак, за суштинските цели, намери и природата на овој „центар“ најмногу говори изборот на неговото име. Зошто Иван Михајлов, а не, да речеме, Христо Ботев, Пеју Јаворов, Иван Вазов, или дури и Васил Левски? Зошто Иван Гаврилов Михајлов, кој до крајот на животот остана негатор и жесток борец против сè што е македонско? Неговата визија за Македонија беше независна Македонија, „Швајцарија на Балканите“, само без Македонци! Оние што заговараа посебност на македонската нација и јазик во дваесеттите години ги убиваше, а во остатокот на животот ги презираше и ги навредуваше нарекувајќи ги „македонистички говеда“. Тој Блаже Конески, таткото на македонскиот литературен јазик, го мразеше од дното на душата. Ако е идејата од овој центар да се шири омраза кон сè што е македонско, тогаш името одговара. За добрососедство и помирување, воопшто не.

Освен тоа, рацете на Михајлов се натопени со крвта на многу македонски револуционери што не ја прифаќаа неговата „визија“ за „Македонија без Македонци“. По негова наредба се ликвидирани Ѓорче Петров, Тодор Паница, Петар Чаулев,  Димо Хаџидимов, Александар Протуѓеров и многу други. Дури и самата бугарска држава во судски процеси му има изречено на Михајлов девет доживотни казни затвор и три смртни казни! Таков ли човек ќе ја симболизира културната соработка меѓу двете земји денес? Користењето на неговото име носи морбидна порака.

Згора на тоа, Михајлов е прочуен по својата континуирана и блиска соработка со фашистите, нацистите и со хрватските усташи. Бугарската држава се лути секогаш кога некој ќе ја спомне нејзината соработка со фашистите, а ваму за симбол на своето присуство во Македонија одбира лик што најдиректно и најотворено се поврзал со самиот нацистички и фашистички врв!? Добро позната е блискоста на Ванчо Михајлов до усташкиот водач Анте Павелиќ, па и со Мусолини, а се знае дека одел во Берлин на директни средби со Хитлер и Химлер. Дека на Михајлов му недостигала политичка ориентација, говори и фактот што со нив  договарал формирање марионетска Независна Држава Македонија, по урнекот на НДХ, дури во септември 1944 година, кога исходот на војната на сите актери им бил јасен, само нему не. Дури и Бугарија на 2 септември 1944 ги повлекла своите трупи од Македонија, а тој се подготвувал да прогласи „независност“!?

Се разбира, таа идеја за НДМ не се реализирала, зашто Михајлов, кога стигнал во Македонија, брзо сфатил дека нема никаква поддршка од населението. Кога истото тоа ќе го сфатат неговите современи политички следбеници, од двете страни на границата, овие што учествуваат во „викенд-десантот“ врз Македонија? Историјата е неповратен, иреверзибилен процес. Минатото, како што кажува и самиот збор – поминало! Толку ли е тешко тоа да се сфати и прифати?

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот