Кржаловски: Допрва ќе има провокации, Бугарија има стратегија за тоа

кржаловски
Фото: Александар Кржаловски, директор на МЦМС

Напразни се апелите на македонската страна за деескалација на состојбата, Бугарија и натаму ќе користи разни ситуации во обид да ги наметне своите цели во Македонија, а допрва се очекуваа заострување на реториката во пресрет на тамошните предвремени парламентарни избори и претстојната ликвидација на бугарските здруженија „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ кај нас, оценува аналитичарот Александар Кржаловски за „Слободен печат“. Според него, чествувањето на роденденот на Гоце Делчев помина релативно мирно, со мали испади на граничниот премин Деве Баир, а двете влади направиле доволно напори, нашата веројатно и прекумерни, зада нема натамошна негативна ескалација на односите.

И тоа е за поздравување и може да придонесе за потрезвено и рационално натамошно водење на процесите кои се битни за двете земји, а за нас, пред сè, интеграцијата во ЕУ. Од друга страна, јас и натаму не сум оптимист дека тоа понатаму ќе оди лесно и без нови провокации и застои. Како што велат некои дипломати, кога од глувче се прави слон, како случајот Пендиков, лесно експлодираат страстите и несоодветните реакции, вклучително и од највисоките нивоа на власта, како на пример праќањето бугарски авион за медицински третман кој е можен и кај нас. Она што повеќе загрижува, и додава на мојот песимизам, е новата декларација во бугарското Собрание, која е усвоена со речиси целосен консензус. И додека разни инциденти може да се припишат на „ултра-националисти“, есктремисти“ или едноставно на жешки глави“ кои немаат што друго да понудат на политичката сцена, па одат со популизам и национализам (во едни други времиња познат и како национал-социјализам), очигледно политичките елити во Бугарија постигнаа единство и точно знаат што сакаат да извлечат/добијат од ситуацијата со Македонија – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Иако согласно францускиот предлог, додава тој, тие веќе не можат да стават вето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, односно на одржувањето на Втората меѓувладина конференција со која би почнало отворањето на кластерите и поглавјата, самото нејзино одржување е условено со уставни измени кај нас, за кои, пак, не се гледа начин како би биле донесени пред избори, сеедно дали редовни догодина или предвремени годинава, а прашање е дали би се донеле и потоа.

– Во самиот француски предлог се вградија толку многу замки, односно можности за Бугарија да настапи со нови блокади, за што во меѓувреме гради случаи од регистрацијата на здруженија со имиња на фашистичките окупатори на Македонија, преку инциденти како тој со Пендиков и сè почестите изјави на новоосвестени Бугари во Македонија за наводна загрозеност на нивните права, до допрва очекуваното активирање на масата македонски граѓани со Бугарски граѓани, како сè уште неискористено „оружје“ за нови проблематизирања и притисоци… Да не ја спомнувам пак Историската комисија – вели Кржаловски.

Според него, иако навидум преговорите со ЕУ зависат од нас, делуваат далечно, а нивото на консензус во Бугарија и тамошните очекувања не допуштаат оптимизам за брз и лесен процес.

Сè е на сè, иако навидум во моментов сè зависи од нас (уставните измени) и навистина нема механизам (или ние не знаеме за таков) Бугарија да го запре почетокот на преговорите кога уставните измени ќе се усвојат, сега и тоа делува далечно како можност. А според нивото на консензус во Бугарија и очекувањата таму од нас, не гледам простор за оптимизам дека тоа ќе е брз и лесен процес. И да, секако во меѓувреме ќе има мал милион нови епизоди, провокации и одамна испланирани потези на држава која има стратегија за сето тоа, која нас ќе нè става во нови и нови блокади, неодумици и збунетости, бидејќи ние немаме таква стратегија и сите овие „случаи“ нè наоѓаат затечени. Изгледа толку (не) знаеме и можеме! – заклучува Кржаловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот