Кривокапиќ: И Ѓукановиќ ќе биде процесуиран доколку има докази

Здравко Кривокапиќ
Здравко Кривокапиќ / Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, изјави дека нема да застане на патот на најдобрите можни односи меѓу Црна Гора и Србија и дека би сакал оттаму да пристигне поканата за првата посета.

„Србија е многу повеќе за Црна Гора отколку само политичка дестинација што треба да се посети“, вели Кривокапиќ во интервјуто за новиот број на неделникот НИН. На прашањето дали прво ќе ги посети Белград или Приштина во најавената турнеја низ регионот, Кривокапиќ повтори дека би сакал поканата за посета да стигне од Белград, затоа што не гледа „поважно место во регионот од Србија за разговори и за договори што Црна Гора треба да ги постигне“.

Кривокапиќ рече дека немал никакви односи со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого, како што изјави, се видел двапати, на погреби.

„Овие не беа ниту места ниту можности за каков било разговор. Се надевам дека институционално ќе градиме односи меѓу Србија и Црна Гора што ќе ги рефлектираат реалните потреби на нашите граѓани“, рече Кривокапиќ.

Зборувајќи за неговата изјава дека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Вучиќ, се среќавале почесто отколку тој со својот кум, Кривокапиќ истакна дека преживеал медиумски линч поради тоа.

„Секако дека зборував за нивните јавни средби, кои не ги следеа односите меѓу Црна Гора и Србија и тоа мора да се промени. Колку што можев да следам од медиумите, Вучиќ никогаш не зборуваше за Ѓукановиќ, кого го познава толку многу години, на начинот на кој зборува за мене, без да си имаме ни збор проговорено“, истакна тој.

На прашањето за поврзаноста на борбата против корупцијата и криминалот, која беше најавена како приоритет на новата влада на Црна Гора и Мило Ѓукановиќ, Кривокапиќ рече дека Ѓукановиќ ќе биде гонет според законот доколку „се најде во материјали до кои порано или подоцна ќе се дојде“. „Намерата на оваа влада не е реваншизам или лов на луѓе. Нашата цел е владеење на правото во кое сите ќе бидат еднакви пред законите и за кои ќе важат законите“, посочи тој.

Мило Ѓукановиќ

Запрашан за неговите претходни изјави дека Црна Гора нема да ги преиспитува одлуките за признавање на Косово и воведување санкции за Русија, Кривокапиќ рече дека тоа е политичка реалност, а не негови политички желби. „Денес нема доволно раце во Парламентот на Црна Гора за каква било одлука за која зборувате. И тоа нема никаква врска со мојата кариера. Дури кариерата и да ми заврши денес, Црна Гора нема да го има потребниот број раце за гласање на одлуки за Косово или Русија“.

Кривокапиќ рече дека Црна Гора има амбиција да стане 28-та членка на Европската Унија и додаде дека новата влада е подготвена да работи на тоа колку што е потребно.

„Да се ​​ослободиме од недостатоците што нè одделуваат од големото европско семејство. ЕУ има свои проблеми во последните неколку години, кои не се поврзани со регионот на Западен Балкан, и тоа секако влијае на политиката на проширување“, додаде тој.

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот