Кристијан Милевски ни ги открива убавините на Бали, работи кои мора да ги видите и пробате на островот на боговите

фејсбук

Сонувате за Бали? Еве убава можност да ги зачините вашите соништа додека станат реалност.

Во периодот кога движењето ни е ограничено, убаво е да се присетиме и да посонуваме за некои егзотични дестинации кои отсекогаш сме сакале да ги посетиме, а некои и ја имале таа среќа да бидат таму, уште пред да започне коронакризата.

Волшебната колоритност на Бали, фото Фејсбук
фејсбук
фејсбук
фејсбук

Кристијан Милевски, менаџер во „Бизнис импакт лаб“, ни го раскажува неговото патување на егзотичниот индонезиски остров Бали.

Па, ајде да сонуваме заедно и секако, кога ќе имате можност да го посетите овој остров, не заборавајте на овој практичен водич на Кристијан.

Од сон до реализација

Идејата да го посети Бали за Кристијан дошла неполн месец пред да тргне на патувањето. Вели дека бил многу возбуден бидејќи тоа било прво негово патување кон Далечниот Исток.

– Патувам често, но не ни помислував дека ова место ќе промени нешто во мене засекогаш.
Патувањето траеше 10 дена бидејќи толку ми дозволуваа обврските во тој период. И како што се подготвувам вообичаено за секое патување, така и за ова направив распоред за тоа што треба да посетам секој од деновите додека сум таму, ни раскажува Кристијан.

Патувал од Скопје, преку Доха, па Денпасар како крајна дестинација. Убава можност била што имал доволно време во Доха до следниот лет, околу десетина часа, па тоа време го искористил да се види со неговите пријатели и да прошета со нив низ Доха.

– Арапскиот свет не ми беше непознат со оглед на тоа дека неколку пати сум патувал за Дубаи, па во принцип концептот е сличен и ми се допаѓа, но сосема различен од крајната дестинација на која тргнав, додава тој.

Стигнал на време за следен лет, подготвен дека за неколку часа треба да е на сосема друга страна на светот. Во Денпасар пристигнале во вечерните часови.

Живот во хармонија со природата

– Самиот аеродром е со толку многу растенија, дрва и вегетација што веднаш наговестува дека тука луѓето имаат посебен третман кон природата. Имавме договорено возач кој нè чекаше за да не пренесе до хотелот кој се наоѓа во областа Нуса Дуа. Бидејки веќе беше вечер, немав јасен впечаток што ме опкружува, освен пријатното чувство на несебичното гостопримство што го искажуваа локалците. Шокот на каков остров сум дошол почна првото утро кога излегов во градината од хотелската соба и не престана ниту за миг. Таква вегетација и такво зеленило помешано со утринското сонце, не сум видел на ниту едно друго место. Сфаќаш дека сè што се случува – сè  е во конекција со природата. На секој чекор ја гледаш нивната благодарност кон природата што дури и им се заблагодаруваат на боговите и се молат да немаат поплави, палејќи ги тие опојни миризливи стапчиње долж егзотичните плажи, продавници, домови… И не само таму, тие ја искажуваат благодарноста насекаде, ја истакнуваат човечноста и отвореноста на едно ниво кое, за жал, за нас кои доаѓаме од суровиот капитализам е невообичаено…, тоа суштинско, раскажува Кристијан.

Краток водич низ Бали

– Островот изобилува со храмови преку кои е изразена хинду религијата, а само мал дел од населението се будисти. Една од помаркантните посети беше посетата на храмот Улувату каде на зајдисонце се одржува спектакулатен традиционален огнен танц Кечак. Околу 70 луѓе симулираат инструменти,  раскажуваат приказна во форма на танц која кулминира со спектакуларните маски. Танцот се одржува на отворено, а во позадината може да се ужива во зајдисонцето кое ќе ве остави без текст.

Улувату

Тегалаланг оризови тераси (Tegalalang Rice Terraces) е едно од местата каде може да видите како се одгледува ориз на традиционален начин. Каскадно поставените тераси со ориз ќе ве натераат да седнете и да го испиете вашето кафе во тишина, воодушевувајќи се на глетката која се простира пред вас. На патот до таму се проаѓа низ километарска улица која од двете страни е полна со уметнички, рачно изработени дела од природни материјали, па може да најдете од најмал сувенир па сè до огромни статуи изработени од дрво или камен.

Оризови тераси

Водопадите Тегенунган (Tegenungan Waterfall) е уште едно место кое се наоѓа во недопрена природа и кое мора да се посети. Одејќи кон водопадот, сè повеќе се слуша громогласната вода која те привлекува да влезеш и да го искусиш пливањето во водопади. Секако дека не ја пропуштив таа можност бидејќи си ветив дека морам да останам отворен за нови искуства, особено на ова патување.

Тегенунган

Храмот Тирта Емпул (Tirta Empuli) е познат по 12 извори од кои тече вода со разни својства, а се верува дека некои од нив се и лековити. Постои посебен ритуал на прочистување кој е наменет за хинду верниците. Капењето во овие извори следува после дарувањето на боговите, а дар може да биде било што.

Тирта Емпул

Што мора да вкусите

– Нешто што мора да пробате е кафетот Лувак (LUWAK) кое се произведува на Бали и е едно од најскапите кафиња во светот чија цена се движи од 200 до 1.200 долари за еден килограм. Се добива од изметот на мачките Тоди. Тоа се мали животни кои живеат на дрвјата на кои расте кафето и ги јадат неговите плодови. Зрната ферментираат во нивниот стомак по што ги исфрлаат преку изметот. Изметот се собира, се измива, па се суши на сонце, по што е подготвен за понатамошна обработка. Имав среќа да посетам едно од местата каде се произведува и се дегустира ова кафе. Уживањето во разговорите со локалните жители додека го пиете ова кафе е непроценливо искуство. Секако дека си понесов од кафето и за дома, раскажува Кристијан.

Едно од незаборавните искуства за Кристијан била и вечерата на плажа од каде се препуштил на играта на сонцето и на неговиот залез.

Плажата Кута пак, е една од точките кои го овозможуваат ова задоволство.

– Ова патување за мене беше животна лекција. Ми кажа како не треба, ми кажа дека џабе имаш сè ако го немаш мирот во себе. Тоа што го почувствував од локалците ќе остане како една од најважните лекции кои сум ги научил во животот. Спокојни, благодарни, љубезни. Го вадат на површина најдоброто што секој од нас го носиме во себе. Односот кој го имаат кон околината и одговорноста е тотално различен концепт од тој во кој што ние живееме.

И за крај, Бали е место кое убаво е секој да го посети, но не било кога туку кога ќе се чуствува доволно отворен за различности. Сигурно е дека ќе се вратам повторно…има уште многу да се научи од тој народ, завршува Кристијан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот