Ковачки до Тачи: Не се проблем шлаканиците, туку ножот во грб што го забивате на Македонците

За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки не се проблем шлаканиците туку ножот во грб кој претседателот на ДПА Мендух Тачи го забива на македонскиот народ. Ова е одговорот на Ковачки на процената на Тачи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот за измените на Уставот и дека до денот на изборите ќе добие многу шлаканици од меѓународниот фактор.

„Не е проблемот во шлаканиците, туку проблемот е во ножот во грб што заедно со СДС му го забивте на македонскиот народ, а со тоа и на државата. Вие Тачи што сте на црната листа на САД, правите историско предавство кон вашите соседи Македонци, а полтроните и безрбетниците од СДС тоа го одобруваат само за да купат ден плус на власт. Македонија никогаш порано не била раскрчмувана како што го прави СДС до скоро предводена од Заев, а сега и од пионот Ковачевски“, напиша на Фејсбук Ковачки.

Тачи во телевизиско гостување истакна дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе „јаде многу шлаканици“.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе јаде многу „шлаканици“ до денот на изборите, дури и од меѓународните партнери. Шлаканиците ќе бидат многу големи“, вели Тачи.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ во последен момент ќе го смени ставот за уставните измени.

„Шлаканиците ќе растат, додека поддршката за остатокот од политиката ќе се зголемува. Ова ќе биде делот што е проевропски, дел од проевропскиот фронт“, рече Тачи.

Лидерот на ДПА оцени и дека ВМРО-ДПМНЕ е про-руска и про-српска партија.

„Може да биде фрустрацијата што ја имаат Македонците за да си го зачуваат идентитетот, но од друга страна тоа е директна асимилација, бидејќи ги знаеме намерите на Србија и Русија. Со години ги знаеме намерите на овие земји, дури и ако ги гледате нивните документарни филмови и емисии. Треба отворено да разговараат со своите гласачи, да им покажат дека тоа е фаталност. Тие мора да им кажат на луѓето каде треба да одат и каде сакаат да одат“, порача Тачи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот