Ковачевски: Оддаваме почит на сите кои придонесоа за големата европска идеја и изградбата на Европската Унија

Фото: Влада на РСМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое име го честиташе 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

-Се поклонуваме на борците кои ги положија животите за пораз на фашизмот, од чиишто рушевини е изнедрена македонската државност. Оддаваме почит и на сите кои придонесоа за големата европска идеја и изградбата на Европската Унија. Нашата држава секогаш преку дела е на вистинската страна на историјата. Беше на бојните полиња во Втората светска војна, меѓу прогресивните антифашистички сили. Е и денес, рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. На патот на напредокот сме – наш аманет од партизаните, нашиот македонски јазик е рамноправно признаен меѓу европските јазици и како успешен модел на мултиетничка држава, дом на сите граѓани, како што е Европа, местото на Северна Македонија е во ЕУ, порача премиерот Ковачевски, стои во соопштението од владината прес-служба.

Фото: Влада на РСМ

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, во чиј состав се заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование, Јетон Шаќири, положи цвеќе и оддаде почит пред спомениците на партизанските гробишта во Бутел.

На настанот, организиран со високи државни почести, во чест на загинатите борци во НОБ, положија цвеќе и оддадоа почит и делегација на Сојуз на борците од НОАВМ, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, претставник на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, како и делегација на Град Скопје, делегација на дипломатскиот кор, и претставници на политички партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот