Ковачевски: Кавгаџиската атмосфера во М-НАВ е поради вработувањата до трето колено!

Премиерот Димитар Ковачевски во студиото на „Слободен печат“ / Фото Драган Митрески / Слободен печат

Ковачевски смета институцијата се претворила во семејна фирма. Ковачевски негираше и дека со вонредната контрола врз работењето на синдикалните организации на М-НАВ, се врши притисок врз нив. Премиерот рече дека не знае чиј внук е Хекуран Асани, односно дали е семејно поврзан со претседателот на ДУИ, Али Ахмети

Изборот на кандидатите за новите директори на М-НАВ, според премиерот Димитар Ковачевски е целосно професионален и му претходела сериозна расправа. Ковачевски негираше дека целата ситуација со првиот предлог за Илир Мехмеди, кој потоа беше повлечен и заменет со Хекуран Асани, била комична, откривајќи дека имало повеќе кандидати, а не само двајца. Тој по отворањето на новата поликлиника во Сарај, беше дециден дека ако се погледне биографијата на Мехмеди, ќе се видело дека се работи за исклучително искусен кандидат, но пехот се случил откако пред 4 години бил сменет Статутот во М-НАВ, па сега директорот морал да биде од редот на контролорите. Од причини што во „Владата немало ниеден контролор на летање, вториот избор го направиле во консултација со стручната фела“. Тој смета дека во М-НАВ владеела „кавгаџиска атмосфера, како по дома“, а институцијата се претворила во семејна фирма, каде се вработувале лица до трето колено. Повикувајќи се на законските прописи, Ковачевски негираше и дека со вонредната контрола врз работењето на синдикалните организации на М-НАВ, се врши притисок врз нив. Премиерот рече дека не знае чиј внук е Хекуран Асани, односно дали е семејно поврзан со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

– Немаше комична ситуација, напротив расправата целосно професионално се одвиваше, а не како што некаде прочитав дека сме решиле за 30 минути. Имаше повеќе кандидати и не беа само двајца и нивните биографии беа разгледувани од владиниот кабинет. Консултиран беше и Статутот на М-НАВ и откако беа издвоени двајцата кандидати (Мехмеди и Кораќ), се покажа дека согласно Статутот, директорите мора да бидат контролори на летање. Кандидатот кој потоа го избравме (Асани) беше оценет од сите како квалитетен, бидејќи има 24-годишно искуство. Истото се однесува и за вториот номиниран (Кораќ) кој е со 25-годишно искуство во областа. Така што донесовме добра одлука, а како што бевте информирани, предложивме уште две други одлуки. Освен што препорачавме Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) да продолжи со вонредните контроли, го задолживме и Инспекторатот за труд да го провери работењето на синдикалните организации во М-НАВ – објасни Ковачевски, прашан дали воопшто ги погледнале биографиите на предложените кандидати за нови директори на М-НАВ.

Премиерот истакна дека очекува од АЦВ да достави извештај во однос на анализата од работата во М-НАВ. Според него, со оваа институција треба посериозно да се позанимава не само Владата туку и Еуроконтрол, оти таму имало неколку „аспекти кои требало добро да се анализираат“.

– Таму се вработени членови на семејства на контролорите до трето колено. Институцијата се претворила во семејна фирма, па затоа не зачудува што им се случуваат конфликти како по дома. Треба да се провери и како се одвиваат конкурсите за вработување, кои се критериумите и како се врши селекцијата на изборот на кандидатите. Да не се случи некој да добива готови тестови. Премногу случајности има таму за да бидат случајни во М-НАВ – истакна Ковачевски.

Тој не знаеше дали новиот „избор“ – Хекуран Асани е внук на Али Ахмети.

Во вторникот по владината седница како еден од предлозите за нов директор на М-НАВ, беше соопштено името на Илир Мехмеди, а откако стана јасно дека тој не ги исполнува условите, беше испратено ново соопштение со името на Хекуран Асани. Мехмеди доаѓа од АЦВ, а не од македонската навигација, нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту пак има шестгодишно работно искуство како контролор, нешто што се бара со член 17 од статут на М-НАВ. Додека директорувал со АЦВ ревизорите констатирале трошења на пари. Новопредложениот Асани е активен контролор на летање во М-НАВ и ги исполнува условите да раководи со институцијата. Во меѓувреме, финансиската полиција утврдува дали има сомнежи за кривични дела во М-НАВ.

Состојбата во оваа институција ескалираше минатата недела кога група напаѓачи влегоа во нивните простории и вербално и физички нападнаа неколку контролори на летање. Групата ја предводеше високиот функционер на ДУИ Беким Незири. Синдикатот, којшто најави дека ќе влезе во штрајк, соопшти дека го става најавениот штрајк во мирување.

Сега е на потег Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги и од нив се очекува да го официјализира разрешувањето на претседателот на УО Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по насоките што ги доби од Владата. Алексдандар Тасевски, претседател на ССКЛ, очекува соработка со новите директори затоа што станува збор за долгогодишни оперативци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот