Косово предупредува за реципроцитет кон Албанија и Македонија

Фото: Драган Митрески

Косовската влада најави воведување на заштитни мерки за косовските производи во однос на другите земји од регионот, кои се членки на Договорот за слободна трговија, познат со кратенката ЦЕФТА.

Косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шала, ги предупреди Албанија и Македонија, како две држави каде косовските производители се вели дека се соочуваат со тарифни и нетарифни бариери, дека ќе се применуваат заштитни мерки доколку овие бариери не бидат укинати, пренесува Радио слободна Европа на албански јазик.

Од друга страна, претставниците на бизнис заедницата и експерти за економски прашања, сметаат дека извршната власт на земјата треба да го реши овој проблем преку механизмот на ЦЕФТА. Иако проблемите на косовските производители со овие земји се вели дека се евидентни подолго време, тие сметаат дека во случај на непостигнување на некое решение преку ЦЕФТА, треба да се воведе мерката за реципроцитет, но не и царинска такса, што беше спомнато од страна на извршната власт.

Берат Рукиќи, претседател на Стопанската комора на Косово, спомнувајќи ги трговските бариери меѓу Косово и овие две држави, вели дека во отсуство на механизмите на ЦЕФТА за решавање на проблемите со другите земји-членки, последниот инструмент останува трговскиот реципроцитет.

– Со Северна Македонија проблемите биле со контролата на квалитетот на одредени производи, некои тестови, како и резултати кои често се неприфатливи. Последниот случај е забраната за извоз на риба. Додека, со Албанија, бројката на бариери е многу поголема, така што е речиси невозможно нашите компании да дејствуваат нормално во Албанија. Воведувањето на реципрочни мерки функционира подобро, бидејќи ова е практика во сите други земји – вели Рукиќи.

И експертот за економија, Наим Гаши, вели дека сегашните проблеми на косовските бизниси со овие земји, особено со Албанија, ја отежнуваат или речиси оневозможуваат економската соработка меѓу двете земји.

Тој вели дека владата не треба да носи одлука за секоја такса, како што е случајот со мерките против Србија и Босна и Херцеговина, на кои им стави царински тарифи од 100 отсто за сите стоки кои ги извезуваат кон Косово. “Всушност, ако оваа ситуација продолжи, верувам дека Владата на Косово треба да воспостави мерка за реципроцитет. Ако некоја земја не го признае потеклото на стоките, не треба ни Косово да им го признае. Ако некоја земја не ги признае табелите на Косово, не треба ниту Косово да им ги признае.”

– Всушност, ние не треба да го користиме терминот такса, бидејќи ние во меѓународната јавност имаме лош имиџ како држава која користи заштитни мерки против други земји, додека со уставот ние сме декларирани како економија со отворен пазар. Всушност, секое дејствие кое го преземаме како држава треба да биде мерка за реципроцитет и никогаш да не се нарекува такса, тарифа или тарифна бариера – оценува Гаши.

Претходно и претставниците на производителите на Косово тврдеа дека албанските власти ги спречуваат бизнисите од Косово да бидат повеќе присутни на албанскиот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот