Ново истражување: Кошмарите се знак за овие болести

Фото: Профимедиа

Ако некогаш сте се разбудиле во паника среде ноќ, дефинитивно не сте сами. Без разлика дали се појавувате неподготвени за важен настан или ненадејно паѓате, лошите соништа во некој одреден момент, го нарушуваат сонот на повеќето луѓе.

Меѓутоа, тоа не значи дека кошмарите не се причина за загриженост. Неодамнешното истражување ја откри врската помеѓу проблематичните соништа и големите здравствени проблеми.
Лошите соништа се поврзани со Паркинсоновата болест.

Истражувачите од Универзитетот во Бирмингем во Велика Британија неодамна открија загрижувачка врска помеѓу кошмарите и Паркинсоновата болест. Во студија од јуни 2022 година објавена во „еКлиникалМедисин“ (eClinicalMedicine), истражувачите користеле податоци од САД кои опфатиле 12 години и анализирале 3.818 постари мажи, кои живеат самостојно. Од нив, до крајот на студијата бил дијагностициран 91 случај на Паркинсонова болест.

Според истражувачите, учесниците кои често сонувале лоши соништа имале двојно поголема веројатност да развијат Паркинсонова болест, од оние кои немале кошмари. Оние што имале зголемување на кошмарите во текот на првите пет години од студијата, имале повеќе од трипати поголеми шанси да ја развијат болеста, „што сугерира дека честите вознемирувачки соништа може да бидат продромален симптом (на Паркинсонова болест)“, се наведува во студијата.

Исто така, се поврзани и со други нарушувања на мозокот.

Меѓутоа, Паркинсоновата болест не е единственото нарушување на мозокот кое е потенцијално поврзано со лошите соништа. Последователна студија од истите истражувачи, објавена во октомври 2022 година во „еКлиникалМедисин“, открила врска помеѓу кошмарите и деменцијата. Студијата ги разгледала податоците од повеќе од 600 луѓе во САД на возраст меѓу 35 и 64 години и 2.600 луѓе на возраст од 79 години и постари.

„Открив дека средовечните учесници, кои секоја недела доживувале кошмари имале четири пати поголема веројатност да доживеат когнитивен пад (заканувачка деменција) во следната деценија, додека постарите учесници имале двојно поголема веројатност да добијат дијагноза на деменција“, напишал авторот на студијата Абидеми Отаика во статија за „Сајенс алерт“ (Science Alert).

Генерално, овие резултати укажуваат на тоа дека честите кошмари може да бидат еден од најраните знаци на деменција, која може да му претходи на развојот на проблеми со меморијата и размислувањето за неколку години или дури и децении – особено кај мажите.

Вашиот мозок не е единствениот дел од вашето тело што може да биде во неволја.

Претходните истражувања покажаа дека лошите соништа може да бидат поврзани не само со вашиот мозок. Во текот на годишниот состанок на Здружението на професионални здруженија за спиење во 2020 година, истражувачите претставија нова студија, која ги поврзува кошмарите со срцевите заболувања, објави „Медскејп медикал њуз“ (Medscape Medical News). Студијата проучувала 3.468 ветерани кои служеле една или две тури од 11 септември 2001 година. Од нив, приближно 31 отсто изјавиле дека имале чести кошмари, а 35 отсто рекле дека доживеале умерено вознемирувачки кошмари во текот на претходната недела.

Дури и по прилагодувањето на резултатите за возраста, расата, полот, депресијата и посттравматското стресно нарушување (ПТСН), истражувачите, сепак, откриле дека честите кошмари се значително поврзани со хипертензијата (висок крвен притисок) и срцевите проблеми.

„Дијагнозата на ПТСН вклучува нарушување на сонот како симптом. Затоа, бевме изненадени кога откривме дека кошмарите сè уште се поврзани со кардиоваскуларни болести, по контролата не само на ПТСН и демографските фактори, туку и на дијагнозата на депресија“, вели д-р Кристи Улмер од Одделението за психијатрија и бихевиорални науки, за „Медскејп медикал њуз“.

Разговарајте со вашиот лекар ако имате често лоши соништа.

Изабела Гордан, експертка за спиење ја објаснува врската помеѓу кошмарите и здравствените проблеми:

„Врската помеѓу кошмарите и деменцијата е поврзана со крах во когнитивните области, погодени од деменција, како што се меморијата и брзината на обработка. Кошмарите, исто така, може да бидат ран знак на предупредување во некои случаи на Паркинсконова болест, поради намалување на производството на допамин или зголемување на нарушувањата во однесувањето во РЕМ спиењето“, вели Гордан за „Бест лајф“ (Best Life).

„Во однос на срцевите заболувања, студиите покажаа дека честите кошмари може да доведат до повисоки нивоа на кортизол (хормонот на стрес), кој се ослободува во текот на ноќта, што може да предизвика зголемување на крвниот притисок, зголемувајќи го ризикот од развој на срцеви болести.“

Секако, лошите соништа не се секогаш знак за поголем проблем. Според Изабела, луѓето можат редовно да имаат проблематични соништа без здравствени проблеми, бидејќи соништата се „нормален дел од циклусот на спиење и често ја одразуваат нашата моментална ментална состојба или грижи во текот на денот“. Тоа значи дека сè од „стресни ситуации, интензивни емоции, па дури и одредени лекови“ може да влијае на она за што сонуваме, вели таа.

Но, тоа не значи дека е лоша идеја да одите на лекар ако имате кошмари, за да бидете сигурни.

„Луѓето треба да разговараат со својот лекар ако редовно сонуваат лоши соништа или ако почнале да доживуваат зголемување на бројот на лоши соништа што ги сонуваат“, вели Изабела и додава:

„Истражувањата покажаа дека честите кошмари и лошите соништа може да бидат знак за влошување на менталното и физичкото здравје, вклучително и состојби како што се деменција и Паркинсонова болест, па затоа е важно да разговарате со здравствен работник.“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот