Кошмарен старт на сезоната за јунајтед (ВИДЕО)
Кристал Палас со 1:3 славеше на гостувањето кај Манчестер јунајтед.
Кристал Палас ја продолжи серијата на одлични настапи на гостувањето кај екипите од Манчестер, овој пат играше против Јунајтед и славеше со 1:3.
Со оваа победа, Кристап Палас е лидер на табелата со шест бода, додека за Јунајтед ова беше прв натпревар во сезоната поради настапите во завршницата од Лигата на Европа.
Гостинските фудбалери уште во седмата минута ги шокираа „црвените ѓаволи“ со голот на Андрос Таузенд.
Во второто полувреме, нов шок за навивачите и играчите на Манчестер јунајтед. Во 71. минута судијата Мартин Еткинсон по прегледувањето на снимката досуди пенал за Кристал Палас по играњето со рака на Линделоф.
Пеналот не го реализира Ају, односно Де Хеа го одбрани неговиот удар, но судијата Еткинсон по консултација со ВАР собата одлучи да го повтори изведувањето на пеналот бидејќи Де Хеа не седеше на гол линијата.
Повторениот удар го изведе Вилфред Заха и беше прецизен.
Надеж за Јунајтед донесе новиот играч, Дони ван дер Бек со голот во 80. минута, но надежите траеја само пет минути. Заха со својот втор гол ги реши сите дилеми околу победникот.
Ова беше шести натпревар во низа за Кристал Палас на гости против Јунајтед или Сити на кој не е поразен.