Коронавирусот се шири низ затворите, капацитетите за изолација при крај

Затвор во Штип/Фото: МИА

Затворската полиција апелира да им се подобрат условите за работа

Осуденици кои ја отслужуваат казната во КПУ Идризово ќе бидат распределени во останатите затвори ширум земјава, откако корона вирусот навлезе во безмалку сите одделенија на установата. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, откри дека согласно последните податоци од крајот на минатата недела, со Ковид-19 во Идризово се заразени осум затвореници, а дури шеесет се во изолација, но уверува дека на сите ќе им биде овозможена соодветна здравствена нега, при евентуално влошување на состојбата. Доколку биде наложено и болничко лекување, Маричиќ најави дека отслужувањето на казната ќе биде запрено. Министерот при посетата на затворот во Штип изјави дека во таа установа состојбата е под контрола.

-Во моментов во Штип нема ниту еден заболен затвореник, но има двајца вработени во затворот позитивни на вирусот. Мерките доследно се почитуваат, новопримените се ставаат во изолација, а исто така и оние кои ќе пројават симптоми, увери Маричиќ од Штип.

Вирусот во затворите, особено во Идризово, успева да се шири и покрај тоа што од 18 ноември на сила стапија повеќе мерки, како забрана за викенд отсуства, домашни отсуства, надворешни групи и забрана за посети, па оттаму целиот сомнеж за ширењето на вирусот се припишува на затворската полиција.

Инаку, првиот случај на лице што го загуби животот поради Ковид-19 зад решетки беше регистриран на осми април годинава, во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Од Хелсиншкиот комитет тогаш бараа Владата да изготви конкретна стратегија за тоа како да се постапува доколку порасне бројот на заболени во затворите. Тие препорачаа притворот да биде последна опција за време на коронакризата, знаејќи дека капацитетите на затворите се и онака мали, а дополнително треба да се изврши изолација на позитивните и суспектни случаи на вирусот.

Коронавирусот не е единствениот проблем за затворската полиција

Од Независниот синдикат на затворската полиција и администрација неколкупати истакнаа дека ситуацијата со коронавирусот во казнените установи претставува предизвик и повикаа на вработените во секој момент да им биде достапна заштитна опрема. Сепак, оттаму се жалат и дека долг период нивните прашања се занемарувани, па условите за работа скоро и воопшто да не се подобрени.

-Последниот состанок на работната група за Колективен договор заседаваше во август 2019. За непречено и ефикасно да ја извршуваме работата е неопходно да се формира посебен вод за асистенција при спроводи со висок ризик. Понатаму, половина од затворските полицајци не се задолжени со оружје, додека пак пиштолите се од 50-тите години на минатиот век, вели претседателот на Синдикатот, Горан Ристевски.

Проблематиката со затворската полиција често се наоѓа и во извештаите на Народниот правобранител, особено во делот на затворската корупција, на што Ристевски одговара дека веќе понудиле решенија за надминување на ситуацијата, но чекаат позитивен одговор од надлежните. Во оваа насока, тие бараат и набавка на блокатори на 4Г мрежата, кои би ја оневозможиле телефонската комуникација на затворениците и додаваат дека засега единствено се користат блокатори за 3Г и 2Г мрежа, кои одамна скоро и да не се користат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот