Кон Македонија негативни, на ковид позитивни?

Фото МИА.мк

Најавената посета на Петков во Скопје за идниот вторник е одложена затоа што по состанокот на Советот за безбедност, спикерот Никола Минчев, кој исто така беше на состанокот, добил позитивен тест на коронавирусот, па сите присутни се во десетдневна изолација.

Одложена е посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков и на неговата делегација на Скопје затоа што од вчера тој е во 10-дневна изолација, исто како и претседателот Румен Радев и другите присутни на завчерашниот петчасовен состанок на Совет за национална безбедност, по кој спикерот на Народното собрание Никола Минчев добил позитивен тест на коронавирусот. Според бугарските медиуми, посетата на Петков не е откажана, туку се одложува, без да се прецизира за кога.

По седницата на Советот за безбедност, Радев соопшти дека Бугарија ќе продолжи да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ затоа што не го спроведе Договорот за добрососедство, а деблокадата на преговорите за членство не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, вклучително и за правата на македонските Бугари. Оваа одлука во Бугарија се толкува како потврда и зацврстување на националните позиции од собраниската Декларација од 2019 година, а поранешниот премиер Бојко Борисов оцени дека „Радев му го скратил маневарскиот простор на Петков“.

Петковски: По фијаското кај Радев, очекувано е Петков да не дојде

Идниот македонски премиер Димитар Ковачевски и вчера остана на ставот дека со Софија ќе се бара „европско и заедничко решение кое нема да ги навреди граѓаните“ и повтори дека не сака да прогнозира со датуми кога тоа би се постигнало.

– Сакам да имаме дијалог насочен кон иднината, кон проекти што значат подобро поврзување на граѓаните – рече вчера Ковачевски.

Лидерот на НСДП Тито Петковски оценува дека Радев завчера ги спушти не само очекувањата во Македонија, туку и политичките стандарди на премиерот Петков и ја депласираше неговата прогресивна политика кон нашата земја.

– Целосната политика на Бугарија кон Македонија, онаа на претседателот Радев, на минатите влади, па и на оваа влада, се на дното. Радев ги спушти не само очекувањата, туку и стандардите што сакаше да ги воведе Петков. Премиерот Петков е прогресивен политичар, школуван во САД, за разлика од претседателот Радев кој е живковист и не може да се оттргне од руското влијание. Бугарската политика лани цела година и по два изборни циклуси не успеа да изгради консолидирана надворешна политика. Владата по третите избори е многу хетерогена, односно две партии се прогресивни и поотворени кон нас, а БСП и Има таков народ се порадикални. Радев им е ментор на последниве две партии и ако сака во секој момент може да повлече потез со кој владата на Петков ќе падне – вели Петковски за „Слободен печат“.

Видовме, потсетува тој, и дека Бугарија го користи прашањето со ветото за Македонија за да се пазари за свои интереси со САД и со ЕУ, односно дека водат политика на уцени кон Македонија за да си ги подобрат своите позиции.

– Прогресивната политика на Петков нема големи изгледи со регресивната на Радев. Завчерашниот состанок на нивниот Совет за безбедност траеше пет часа, што може да значи дека се водела силна дискусија, но Радев успеал да ја наметне ригидната политика, што се гледа по седумте точки што ѝ се зададени на извршната власт. Значи, прогресивната политиката на Петков кон Македонија од завчера е депласирана, а јас се сомневам и дека веста дека Петков и останатите се во изолација е всушност измислено оправдание за да не мора тој да доаѓа следниот вторник на  средба со Ковачевски. Што би му кажал после вчерашното фијаско на неговата политика пред бугарскиот Совет за  безбедност – вели Петковски.

Харвард и бугарските национални интереси?

Бугарската вицепремиерка Корнелија Нинова оцени дека одлуката на Советот за безбедност е достојна заштита на бугарскиот национален интерес.

– Советот го потврди ставот на Бугарија за пристапувањето на РС Македонија, кој беше усвоен од 44. Народно собрание. За нас ова прашање беше една од црвените линии во преговорите за формирање влада. Тогаш некои нѐ обвинија дека го отежнувавме формирањето на коалицијата. Нѐ отстапивме. Во договорот напишавме дека нема да го менуваме ставот веќе усвоен од парламентот – објави Нинова на Фејсбук.

Поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов рече дека средбата била непотребна.

– Договорот за добрососедство е толку прецизен во секоја област што едноставно мора да биде имплементиран од двете страни. Совет за безбедност беше непотребен, само го покажа тоталниот хаос во којшто се наоѓа државата. Вчера претседателот Радев му одзеде секаква можност за маневар на премиерот Петков – рече Борисов.

Според бугарскиот историчар Христо Мананов, рамката поставена од Советот за безбедност, ја прави посетата на Петков на Македонија чисто протоколарна.

– На состанокот дошло до судир на екстремни мислења и компромисни мислења. На Харвард не ги учат на бугарскиот национален интерес. Ако сегашниот бугарски премиер или некој од неговиот тим направи компромис, тоа е сигурен знак дека тој порано или подоцна ќе падне од власт – рече Матанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот