Комисија против дискриминација: Пензионерите што живеат во странство се дискриминирани, мора да го добијат покачувањето

Препорака на Комисијата е Министерството за социјална политика во соработка со Собранието да преземат активности во рок од 180 дена да се измени спорниот член од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Доколку тоа не го направат ќе заработат прекршочна пријава

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) постапуваше по претставка за измената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, која остави 12.000 наши пензионери што живеат во странство без покачување од 2.500 денари што се случи во март годинава. Тие го добија зголемувањето од 2.500 денари во септември минатата година, но потоа државата им го укина правото, го смени законот, интервенираше во член 37 и го додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија“.
Комисијата донесе мислење со кое „се утврдува индиректна дискриминација врз основа на местото на живеење во областа на социјалната сигурност, вклучувајќи го подрачјето на пензиско и инвалидско осигурување, која произлегува од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување“.

Препораката е задолжителна

Препорака на Комисијата е Министерството за социјална политика во соработка со Собранието да преземат активности во рок од 180 дена да се измени спорниот член од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од Комисијата во изјава за „Слободен печат“ појаснија дека оваа нивна препорака е задолжителна.

-Со писмено мислење, а по утврдена дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото. Лицето или органот на кое е упатена препораката е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата во рокот даден во мислењето, од денот на приемот на препораката и за тоа да ја извести Комисијата. Доколку лицето или органот на кого е упатена препораката не постапи по препораката согласно со законот, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци – велат од Комисијата.

Оттаму посочија и дека дополнително непостапувањето може да се смета како продолжување на дискриминацијата; се отвора пат судски да се докаже дискриминација без потреба од нови докази; препораката станува силен доказ во постапки пред национални судови и дури пред Европскиот суд за човекови права.

Министерството за социјална политика не гледа дискриминација

КСЗД достави барање до Министерството за социјална политика да се произнесе по наодите од претставката.

„Законодавецот при донесувањето на законското решение се водел од целта за заштита на вредноста на пензијата од последиците на инфлацијата и ценовниот шок во државата, со кој се соочуваат пензионерите што живеат во Република Северна Македонија. Од овие причини, Министерството за социјална политика, демографија и млади смета дека не се врши дискриминација на пензионерите што живеат надвор од територијата на Република Северна Македонија со донесениот Закон за пензиско и инвалидско осигурување“, одговориле од Министерството.

Произнесување било побарано и од Собранието, а одговорот бил:

„Собранието го сочинуваат пратеници избрани на општи, непосредни и слободни избори, па во согласност со член 62, став 3 од Уставот, пратениците одлучуваат по свое уверување“.

Фондот за ПИОМ се изземал себеси од одговорност бидејќи „фондот само го имплементира законското решение“.

КСЗД утврдила дека условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија де факто ги дели пензионерите според нивното место на живеење: пензионерите што се преселиле во странство автоматски го губат правото на предвиденото зголемување“.

„Со тоа, нивната пензија станува пониска во однос на пензијата на лице со ист работен стаж и ист основен износ, само поради различно место на живеење. Токму ова претставува индиректен начин на дискриминација врз основа на место на живеење – безусловното покачување важи за едни (резиденти). Додека другата група лица во споредлива ситуација (пензионери што придонесувале во ист пензиски фонд, кои живеат надвор) се исклучени од бенефицијата без друга причина“, пишува во Мислењето.

Законот важел пред да биде донесен

Анализирајќи ја хронологијата на настаните, Комисијата предупредува дека мартовската исплата на пензиите се извршила на 1 април, а законските измени се објавиле во „Службен весник“ на 8 април!

„Ова значи дека во моментот на исплатата новиот закон не бил во сила, па ограничувањето на правото на покачувањето на пензиите само за корисници на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија, немало законска основа“, пишува во Мислењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот