Гордана Сиљановска Давкова/ Фото: Кабинет на претседателката

Колкави се хонорарите на надворешните соработници во Вила Водно: Сите советници на претседателката

Досега се исплатени над 70.000 евра за услуги на надворешни соработници, ангажирани за различни прашања – политички, правни, комуникациски, финансиски… Според податоците што ги доби „Слободен печат“ од кабинетот на Сиљановска-Давкова, хонорарите за овие надворешни соработници се движат од 30.000 до 60.000 денари месечно.

Кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова досега исплатил над 70.000 евра за услуги на надворешни соработници, ангажирани за различни прашања – политички, правни, комуникациски, финансиски… Според податоците што ги доби „Слободен печат“ од кабинетот на Сиљановска-Давкова, хонорарите за овие надворешни соработници се движат од 30.000 до 60.000 денари месечно.

Најголем хонорар – 60 илјади денари месечно (300.000 денари вкупно) добивал Илија Димовски, кој бил ангажиран како надворешен стручен соработник, како политички советник за прашања поврзани со функционирање на политичкиот систем во периодот од 13.12.2024 година до 31.5.2025 година. Исто толкав надоместок добивала и Mарија Весова како надворешен стручен соработник за изготвување анализи за прашања поврзани со внатрешната политика во медиумскиот простор. Но нејзиниот ангажман траел само еден и пол месец, од 15.4.2025 година до 31.5.2025 година.

Како надворешен соработник за давање мислења, препораки и консултации од областа на правото и правосудниот систем, ангажирана е Тања Алтанџиева, која ја советува претседателката од 1.11.2024 досега за 50.000 денари месечно (вкупно 550 илјади денари). За толкав хонорар – 50 илјади денари месечно – од 17.7.2024 работи и Денис Јагџи, кој е ангажиран за прашања поврзани со фотографирање официјални настани и церемонии.

Јасмина Миронски од 1 април е ангажирана како надворешен соработник за комуникациска стратегија за месечен хонорар од 50.000 денари (вкупно 300 илјади денари досега). Најдолго ангажиран надворешен соработник е Драган Лаковски за прашања од областа на компјутерски системи и мрежи и од 1.1.2024 година досега месечно добива хонорар од 50.000 денари.

Како надворешен стручен соработник за организација и координација на активностите за унапредување на системот за внатрешна финансиска контрола е ангажиран Горан Ицевски. Тој работи од 15 април годинава за месечен надоместок од 50.000 денари.

На прашања поврзани со креирање аудиовизуелни содржини, работи Александар Пауновски и тој е ангажиран од 29 април за 40.000 денари месечно. Од 1.6.2025 година во Кабинетот е ангажирана и Лина Рангелова како надворешен соработник за прашања поврзани со млади за месечен надомест од 30.000 денари.

Пет месеци, односно од 3 јануари до крајот на мај, во кабинетот работел и Христо Ивановски како надворешен стручен соработник, односно како советник за прашања поврзани со внатрешната политика за месечен надоместок од 40.000 денари.

Лани, од 20 мај до крајот на годината, Златко Јанковски бил надворешен стручен соработник за давање стручни мислења, совети, консултации и препораки за прашања поврзани со европските интеграции, ЕУ-политики, анализи и информации поврзани со тековните процеси во рамки на процесот на преговори со ЕУ, како и во рамки на институциите на ЕУ во периодот од 20.5.2024 година до 31.12.2024. Неговиот месечен надоместок бил 30.000 денари.

Во одговорот што го добивме од Кабинетот на Сиљановска-Давкова се наведува и дека „основата за ангажирање на овие лица е пропишан во членот 5 во Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот, кој гласи: ‘Во работата на Кабинетот може да се ангажираат научни и стручни установи и истакнати научни и стручни работници’“.

Инаку, претседателот на државата, во согласност со своите уставни надлежности и ингеренции, формира Комисија за одликувања и признанија и Комисија за помилување како постојани работни тела составени од претседател и членови. Сите тие добиваат надоместок, односно хонорар од одржана седница. Па, така, Комисијата за одликувања и признанија одржала три седници во периодот од 16.1.2025 година до 14.3.2025 година. За секое присуство, на членот на Комисијата му се исплаќа по 6.500 денари нето-хонорар плус 722 денари персонален данок по одржана седница.

Претседател на Комисијата за одликувања и признанија е Валентин Мирчески, а членови се Гзиме Старова, Самуел Садикарио, Ана Дурловски, Решат Амети, Андријана Јаневска, Дејан Георгиевски, Гена Теодосиевска, Жарко Башески, Оливера Наковска-Бикова и Весна Петрушевска. За овие седници за Комисијата се исплатени нешто помалку од 4 илјади евра.

Втората комисија, онаа за помилување, одржала 13 седници во периодот од 26.11.2024 година до 28.07.2025 година, а хонорарот за членовите е ист како и за Комисијата за одликувања – 6.500 денари нето хонорар, плус 722 денари персонален данок по одржана седница. Претседател на Комисијата за помилување е Милка Ристова, а членови се Оливер Бачановиќ, Александра Груевска-Дракулевски, Блерта Ахмеди, Драгана Батиќ, Афет Мамути и Доан Сулејманоски.

За сите седници биле исплатени 10 илјади евра. Инаку, ова е втор состав на Комисијата. Претходно во периодот од 29.7.2024 година до 5.9.2024 година, Комисијата за помилување беше во друг состав и одржала 4 седници за кои се исплатени околу три илјади евра.

Треба да се напомене дека Кабинетот на актуелната претседателка Сиљановска-Давкова е помалкуброен од оние на претходните претседатели. Во Кабинетот се вработени 50-ина лица и, за разлика од претходните претседатели, Сиљановска-Давкова нема посебни советници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот