Колекторот за отпадни води заглави во ѓубрето на Вардариште

Пожар на депонијата Вардариште/Фото: Фејсбук

Сериозен застој во изградбата на системот за пречистување на отпадните води од домаќинствата и од индустријата во Скопје, кои сега се слеваат директно во Вардар, е на повидок поради поведен судски спор.

Изведувачот на работите на колекторскиот систем кој треба да ги собере отпадните води од цело Скопје и да ги доведе до пречистителната станица во Лисиче, француската компанија НГЕ, ја тужи државата „поради несоодветното информирање за составот на отпадот кој се наоѓа на трасата каде што се копа“.

Според првичните најави на надлежните, во февруари годинава Скопје требаше да добие колектори за третман на отпадните води во реката Вардар. Изградбата на колекторскиот систем е предуслов да се гради пречистителната станица во Скопје.

Проект вреден 10 милиони евра

Француската компанија во јуни 2018 година ја почна изведбата на работите на изградбата на колекторскиот систем, а на свеченоста, на која присуствуваа и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, тогашниот министер за животна средина Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар најави дека станува збор за проект вреден 10 милиони евра, финансиран од ЕУ и дека директно ќе влијае врз заштитата на животната средина и населението. Проектот предвидува изградба на осум километри канализациска мрежа од двете страни на Вардар.

– Со изградбата на овој систем водите во реката Вардар ќе станат чисти и задоволство ми е што преку фондови на ЕУ ќе се реализира еден овој значаен проект во Скопје – рече тогаш евроамбасадорот Жбогар.

Но започнатите градежни работи на колекторскиот систем од левата страна на Вардар заглавија во делот што треба да оди преку напуштената депонија Вардариште. Француската компанија, копајќи ровови длабоки и до шест метри за положување на колекторските цевки, наишла на сомнителен отпад и ги прекинала активностите, најавувајќи дека ќе ја тужи државата што не била соодветно информирана. „Слободен печат“ неофицијално дознава дека станува збор за медицински отпад што бил откриен додека се изведувале градежните работи и тоа го запалило алармот кај изведувачот.

Некогашната депонија Вардариште е долгогодишен еколошки проблем, а нејзината санација, според Законот за управување со отпад, е обврска на локалната самоуправа. Град Скопје за случајот се прогласи за ненадлежен и нѐ упатија на секторот за водење меѓународни договори во Министерството за финансии.

Министерството за животна средина, пак, тврди дека забелешките на изведувачот се неосновани.

„По анализата на доставениот Извештај, сметаме дека треба да се продолжи со активностите и дека работите треба да продолжат да се изведуваат по планираната рута, земајќи ги предвид спецификите на самата локацијата и со спроведување на повисоки мерки за здравствена заштита за време на работите“, пишува во нивниот одговор.

Оттаму сметаат дека треба да се следат препораките што се однесуваат на работите при изведбата на делот од трасата што води низ телото на нестандардната депонија, особено да се обрне внимание под теренот, да се направат дополнителни истражувања на локацијата и да се обезбедат најбезбедни работни практики и опрема.

Министерството за финансии молчи

„Во ниту еден момент не станува збор за постоење опасен отпад на локацијата, а тоа се докажа и со анализите изработени од акредитирана лабораторија за карактеризација на отпад, каде што во извештајот стои дека составот на анализираниот отпад е типичен за депонија за комунален отпад“, одговори Министерството за животна средина. Тие, заедно со Градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација“, се корисници на проектот, а договорна страна и потписник на Договорот е Министерството за финансии.

Од Министерство за финансии подолго време молчат на прашањето на „Слободен печат“ зошто француската компанија ја тужи државата и што ќе преземат.

Изградбата на станицата за пречистување на отпадни води за Град Скопје е планирано да почне со градба во мај наредната година. Според Министерството за животна средина, проектот за пречистителната станица во Лисиче е во тендерска  фаза, се евалуираат понудите на компаниите, како за градба, така и за надзор на градежните работи. Оттаму информираат и дека 70 отсто од работите на колекторскиот систем се готови, а дека „се водат преговори за изнаоѓање најдобро решение за завршување на проектот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот