Колекторот во Охрид поради беспарица заглавен во 80-те години

Колекторски систем на Охрдиско Езеро / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Фрлен детски велосипед, браник од автомобил, старо ќебе, јорган, автомобилски гуми… Ова не е опис на депонија, туку „инвентар“ кој вработените во ЈП „Колекторски систем“ од Охрид речиси секојдневно го отстрануваат од цевките на колекторот за пречистување на водите на Охридското Езеро. Како тие завршиле онаму каде што не им е местото? Едноставно, несовесни граѓани ги фрлаат во канализационите шахти, појаснуваат од јавното претпријатие.

– Овие габаритни предмети прават хаос во пумпите, на механичките делови, на решетките и неретко поради ваквата несовесност на граѓаните се доведува во опасност самото функционирање на пречистителната станица, вели Александра Матеска, технолог, главна на Одделот за пречистување во склопот на Пречистителната станица во село Враништа.

Во оваа пречистителна станица, крај реката Дрим, доаѓаат отпадните води од целиот колекторски систем на Охридското Езеро. А заедно со нив и отпад на кој по ниту еден основ не му е местото во канализационите цевки.

Во Црн Дрим се испушта вода од втора и трета категорија

Но, најмногу од сѐ – влажните марамчиња се кошмарот на луѓето кои го одржуваат колекторскиот систем на Охридското Езеро. Тие ги расипуваат пумпите на препумпните станици, се плеткаат во системите на пречистителната станица, затнуваат канализација и остануваат во цевките. – Се соочуваме со чести затнувања кои се предизвикани од влажните марамчиња, кои се бионеразградливи, се растегнуваат и се усукуваат и создаваат големи топки, пуцвали и поради тоа прават големи проблеми, вели Матеска, со која разговаравме во дворот на комплексот на Пречистителната станица помеѓу селата Враниште и Ложани, сместена во струшкото поле, покрај реката Црн Дрим.

Една огромна цевка од постројките на пречистителната станица што испушта пенлива вода влегува директно во реката.

– Меурчињата се резултат на зголеменото присуство на кислород во водата, како резултат на поминатиот процес на пречистување, појаснува Матеска, гледајќи дека со загриженост ја проценуваме водата што од цевката влегува во бистрите води на реката.

Водата која се влева во реципиентот, Црн Дрим е со квалитет од втора до трета категорија.

– И покрај тешкотиите со кои се соочуваме во функционирањето на колекторскиот систем, сепак, успеваме да ги задоволиме критериумите и сега се испушта вода од втора односно трета категорија, со што не го нарушуваме квалитетот на водата во реката, вели директорот на јавното претпријатие „Колекторски систем“, Владимир Алексијевски.

Владимир Алексијевски, директор на јавното претпријатие „Колекторски систем“ / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Изграден во 80-те години на минатиот век, неколку години откако Охрид и езерото станаа подрачје заштитено од УНЕСКО, но никогаш недовршен, колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро денес има вкупна должина од 41 километар. Според тогашните еколошки критериуми, сите отпадни води од  населбите крај езерото се собирале и со посебен цевковод се носеле подалеку од езерото за пречистување според тогаш достапните технологии со цел да се исфрлат во Дрим. Оттогаш поминале речиси 40 години, а за идејата за Охридското Езеро комплетно да се спаси од загадување, времето очигледно застанало. Критичните делови од охридското и струшкото крајбрежје, посебно потегот од Свети Наум до Трпејца и од Радожда до Елен Камен, воопшто не се опфатени со собирање на отпадните води. Поради тоа, еден значителен дел од фекалиите завршуваат директно во езерото.

За колекторскиот систем времето застанало во 80-те

– Не треба да се заборави дека во моментов се пречистуваат само околу 70 проценти од отпадните води. Од вкупно 40 километри досега се санирани само три километри, а работата на колекторскиот систем зависи од донации и од повремена финансиска помош што го става во мошне неповолна состојба, вели Катерина Василеска, од „Охрид СОС“.

Проблем се и реките Грашница, Черава, Сатеска и Коселска, додава таа, бидејќи тие со себе носат отпад од земјоделските активности од кои добар дел се токсични хемикалии со кои се третираат посевите, како и од индустриските капацитети кои честопати отпадот нетретиран го фрлаат директно во реките.

Дека за Охридското Езеро и неговата заштита од загадување времето застанало заглавено во раните 80-ти години се чувствува при посетата на комплексот на пречистителната станица и запознавањето со технологиите за пречистување кои се користат. Вработените се обидуваат да извадат максимум од постројките што им се на располагање.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Технолошкиот процес на прочистувањето на отпадните води се одвива во две фази, во првата има механичко прочистување од песок  и од груб цврст материјал, а во втората фаза е биолошко прочистување со активна тиња со помош на аеробни бактерии. Но, понапредните технологии кои ѝ припаѓаат на терциерната фаза на пречистување на отпадните води, кои се стандард во сите развиени држави, каде отпадната вода на крајот завршува како вода од прва категорија, погодна и за пиење, се чинат светлосни години од пречистителната станица на охридскиот колекторски систем.

– Во моментов работиме со потешкотии, се трудиме со свои средства и со помош од Владата тековно да го одржуваме системот и да превземаме санација каде што е најнеопходно. Постои проект за целосна реконструкција на пречистителната станица која треба да чини 9 милиони евра. Кажано ни е дека тие средства ќе бидат обезбедени 2022 или 2023 со ИПА 3 програмата и ќе се пристапи кон реконструкција, со која треба да се воведат и нови елементи односно нови технологии, вели Алексијевски.

Санацијата и завршувањето на колекторскиот систем на Охридското Езеро е една од клучните препораки на сите мисии на УНЕСКО за Охридскиот регион. Годинава, УНЕСКО во јули одлучи да ѝ даде на македонската Влада дополнително време за да ги доврши започнатите активности за усогласување со препораките на светската организација за заштита на природното и културно богатство на Охрид.

Влада: За 2021 не е издвоен ниту денар за охридскиот колекторски систем

Согласно Програмата колектoрски ситем Охрид-Струга за 2021 година на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) предвидени се средства во висина од 35 милиони денари, додека со ребалансот на Буџетот се предвидени дополнителни 25 милиони денари, посочуваат од Владата. Но, овие средства се наменети за враќање на долговите на МОЈП „Проаква“ на ЕЛС кои биле дадени како заем за функционирање на претпријатието. Обврската за исплата на долгот е согласно потпишаниот договор на МЖСПП со општна Струга.

„Значи, за 2021 година не се предвидени буџетски средства за санација на колекторскиот систем“, стои во одговорот на прашањето на „Слободен печат“, колку пари Владата годинава одвоила за санација и подобрување на работењето на колекторскиот систем на Охридското Езеро.

 

Со оваа сторија, „Слободен печат“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот