Кој сакал да го убие главниот обвинител на Бугарија? Обидот за атентат наликува на оној врз Киро Глигоров

Иван Гешев
Иван Гешев / Фото: МИА

Обид за атентат на главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев денеска предизвика ја потресе бугарската јавност. Бомба со голема разорна моќ била поставена на патот на кој се движела колоната возила со Гешев, и експлодирала во моментот кога покрај неа поминувал автомобилот во кој се возел обвинителот.

Директорот на Националната истражна служба и заменик-главен обвинител, Борислав Сарафов, откри детали за експлозијата и за поставената направа, од кои се гледа дека обидот за атентат бил изведен на сличен начин како оној врз македонскиот претседател Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година во Скопје.

„Главниот обвинител со својот автомобил патувал кон Софија и на една остра кривина, каде се намалува брзината на движењето, се случила експлозијата. Таа била исклучително силна. Според очевидци, огнениот столб што избувнал бил 4-5 метри. На местото има кратер со длабочина од 30-40 сантиметри и пречник од близу три метри“, изјави Сарафов.

Фото: btvnovinite.bg

Инцидентот се случил на патот Софија-Самоков кај селото Ковачевци, во 11 часот и 45 минути. Вистинско чудо е што во експлозијата нема повредени во колоната возила со обвинителот. Според заменикот на Гешев, целта на експлозијата била да се убие главниот обвинител, а не тој само да се заплаши.

„Бомбата имаше еквивалент на околу три килограми ТНТ, според пресметките на експертите. Во неа имало и додадени фрагменти кои требало да дејствуваат како парчиња шрапнел. Тие завршија на околните дрва. Очигледно бомбата имала намера да убие. Металните топчиња што ги најдовме беа со големина на човечки нокт“, рече Сарафов, додавајќи дека сѐ укажува на тоа дека обидо за атентат бил „исклучително професионално подготвен и очигледно добро изведен“.

„Само случајност го спаси јавниот обвинител и неговото семејство и голем број други луѓе кои поминуваа во тоа време и околу тоа време претходно на тој пат“, додаде Сарафов.

Активирани се сите сили за расветлување на случајот.

„Неприфатливо е да постои закана по животот на кој било бугарски државјанин, а нашите постапки ќе бидат категорично во одбрана на здравјето, животот и имотот на бугарските граѓани, како и секогаш“, изјави главниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Петар Тодоров.

Според БТВ, обвинителот Гешев требало да отпатува за Турција, но во последен момент се премислил и отишол за настан посветен на млади обвинители.

Политички реакции доаѓаат од сите страни. Во нив се вели дека обидот за атентат на Иван гешев е напад на државата и дека денешниот настан потсетува на оние од 1990-те. За утре е најавен протест на обвинителите, истражителите и судските службеници ширум Бугарија, поради нападот на главниот обвинител.

Експлозијата на патот пред Самоков се случи неколку недели откако Обвинителството соопшти дека открило докази за заговор против Гешев со цел тој да се компромитира и да биде сменет од функцијата.

Пред патувањето во Турција на кое сепак не отиде, Гешев побара владините претставници да дадат извештај за тоа како земјата ги спроведува санкциите на ЕУ против Русија.

„Обвинителството бара од Советот на министри и од сите министерства и сектори кои учествуваат во работата на координативната група [за руските санкции] информации за тоа кои конкретни мерки и дејствија се преземени, какви одлуки се донесени во врска со наметнатите санкции“, соопшти пред неколку дена Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот