Книжевна резиденција: Писателката Маја Солар престојува во Скопје

Гостинка на осмото издание на фестивалот „Проза Балкан“, покрај другите писатели од регионот и од нашата држава, беше писателката Маја Солар, која својот престој во Скопје ќе го продолжи до крајот на септември во рамките на книжевна резиденција, која се реализира во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“. Во рамките на „Проза Балкан“ Маја Солар имаше разговор со македонскиот писател Владимир Јанковски. Нејзината книжевна резиденција во Скопје е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Маја Солар е родена во 1980 година во Загреб. Докторирала филозофија. Се занимава со политичка теорија, преведува од англиски и француски јазик, пишува поезија и кратка проза. Членка е на колективот „Герусија“, дел е од уредништвото на списанието за теориска практика „Ствар“, а од 2015 година е преведувачка и член на редакцијата на српското издание на весникот „Ле монд дипломатик“.

Нејзина прва објавена збирка поезија е „Макулалалалатура“ (2008), за која во 2009 година ја добила Бранковата награда. Втората книга поезија на унгарски јазик ја објавила во 2015 година, додека третата збирка поезија, „Без зачин“, ја објавува во 2017 година. Од 2007 до 2014 година била дел од уредништвото на списанието за книжевност и теорија „Поља“.

Била членка на Центарот за нова книжевност „Неолит“, на поетско-политичкиот театар „Поетски дупки“, авторка и учесничка на перформативно-поетската програма „ЛИЛИТирање“ (изведување на поезија на поетеси), а учествувала и во неколку перформанси и поетски видеодела.

Од 2019 година заедно со Жак Луциќ го уредува и води поетскиот поткаст на емисијата „Полна уста со поезија“. Моментално живее во Нови Сад. Книжевната критика за Маја Солар вели дека е марксистичко-феминистичка филозофка.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот