Клучниот сведок кој го виде убиството на Ангел Петковски останува непознат за органите

„Правите драми и репризи“ – со овие зборови, револтирано, Сашо Петковски, татко на починатиот Ангел Петковски, ја напушти судницата во моментот кога повторно во детали се разгледуваа снимките од погубниот настан од 2014 година, кога неговиот син го загуби животот.

За делото „убиство со умисла“ веќе беше осуден обвинетиот Насер Ештрефи, но Врховниот суд го врати судењето од почеток, со образложение дека има пропусти во доказната постапка, особено што не е пронајден ножот со кој е извршено убиството.

Денешното рочиште измина во утврдување на идентитетот на лицата на снимката, поради веќе слабиот квалитет на снимките од видео надзорот на Европската очна болница, но и запознавање со околностите на новиот бранител на обвинетиот Ештрефи.

Од друга страна, обвинителот Дарко Јакимовски, пак, настојуваше да се прифати идентитетот на посочените лица, бидејќи тие веќе биле утврдени на рочиштата што се одвиваа во 2015тата година. Тој се осврна и на тврдењата на Ештрефи дека ножот со кој е извршено убиството, бил на веќе починатиот Ангел Петковски, а не негов.

– Снимките веќе беа предмет на детална анализа со помош на компјутерската техника и форензичките вештини на МВР и тогаш се вршеше анализа дали некој од тројцата носат нешто во рацете. Квалитетот на снимката не е најдобар, но беше специјално зумирана и можеше да се забележи дека при качувањето на насипот, во рацете, ниту Сашо, ниту Ангел држат нешто. Воедно, откако Ангел е прободен, се забележува како едно возило заминува од паркингот. Возачот имал отворен поглед кон настанот на насипот, но решава ноншалантно и нечовечки да го игнорира настанот и заминува. МВР тогаш не можеше да ги утврди регистарските таблички, кажа Јакимовски во судницата.

Обвинителот додаде дека токму овој непознат сведок има клучни аргументи за делото, но не сакал да се инволвира, иако неговото заминување подлежи на кривична одговорност.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна 19-годишниот Насер Ештрефи од скопското село Грчец.

Според обвинението, откако Ештрефи го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски во населбата Ѓорче Петров, при што бил забележан од таткото на Ангел, побегнал кон мостот кој води кон Сарај. Таму бил пресретнат од Ангел и неговиот татко. Ештрефи, како што се наведува во обвинителниот акт, со нож го нападнал Ангел. Пресметката завршила кобно за матурантот. Ештрефи е обвинет за убиство со умисла.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот