Ќе се „растегнат“ роковите за затворање на термоцентралите

термоцентрала фото МИА

Во ТЕЦ Неготино во тек е ремонт, кој треба да заврши до крајот на месецов по што со полн капацитет ќе биде ставен во функција. Се најавува изградба на нова конгенеративна централа во Битола со јачина од 250 до 400 мегавати

Енергетската криза дава можност да се продолжи животниот век на домашните енергетски капацитети, па затоа е важно постојната енергетска стратегија да се ревидира и да се да се пролонгират роковите за нивното затворање, прецизира Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.

– На пример за ТЕЦ Осломеј во стратегијата од 2016 година, крајот требаше да дојде или годинава или идната, но ние предлагаме пролонгирање за едно две-три години. Тоа е возможно со залихите на јаглен од рудниците Гуштерица и Брод Гнеотино. И за РЕК Битола ќе предложиме нов рок (2031), бидејќи онака како што е сега, Блок 1 требаше да престане да произведува струја во 2027 годинасе затвори. Шпанија и Португалија веќе направија ревизија на енергетските планови, кризата не натера сите да мислиме поинаку- додава Ковачевски.

За РЕК Осломеј е предвидена постепена и социјално праведна супституција со обновливи извори, пред се фотонапонски електрани, и тоа и се прави. Веќе е активна една сопствена фотонапонска електрана на АД ЕСМ од 10 мегавати во стариот рудник, се прават активности за уште една со иста моќност, а почнува и реализацијата на двете од по 50 мегавати што се реализираат по пат на јавно приватно партнерство со компанија од Бугарија и со компанија од Турција. Ковачевски е дециден дека прашината од јагленот не им штети на панелите, бидејќи се филтрира.

Тој најави изградба на нова конгенеративна централа во Битола со јачина од 250 до 400 мегавати, во зависност од понудата која ќе добија. Директорот на ЕСМ ги споделува проценките на светските експерти според кои ваквите централи влегуваат во дваесетгодишната енергетска транзиција.

– И со овие берзантски цени на гасот, рентабилно е да се купува гас и да се произведува струја, отколку да се набавува струја на берза – вели Ковачевски.

Инаку во ТЕЦ Неготино се прават ремонтни активности на генераторскиот дел кои треба да завршат до крајот на месецов по што со полн капацитет ќе биде ставен во функција. Со тоа од 1 декември со намалувањето на температурите и со зголемувањето на конзумот во функција ќе работат и Блок 3 и ТЕЦ Неготино.
Од 1 декември фиксна цена на електрична енергија ќе добијат прехранбената индустрија, училиштата и водоснабдителните станици. Тоа се 800 субјекти со 1.200 мерни станици и со сите нив ЕСМ продажба треба да потпише посебни договори. Според проценките, тие месечно ќе трошат од 10 до 13 гигаватчасови струја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот