Ќе направи ли ЈСП корекции на возниот ред

ЈСП
Градски автобуси на ЈСП / Фото: Драган Митрески

За сите барања што се однесуваат на воведување нови линии, продолжување, скратување и слично, јавниот градски превозник има обврска да направи истражувања и анализи на исполнетоста на неопходните сообраќајно-технички, безбедносни, економски и други услови за да добијат одговор дали едно барање е основано или не.

Поставување автобуски постојки на одредени локации, корекции на возниот ред, продолжување на одредени автобуски линии, воведување нови автобуси. Ова се само дел од барањата на граѓаните што биле доставени до општините, а за чие решавање дискутирале градоначалниците на средбите што во изминатиот период ги имаат со директорот на ЈСП „Скопје“, Иван Илиевски.

Неодамна Илиевски имаше работна средба со градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, на која се разговарало и за обезбедување квалитетен и редовен јавен превоз што ќе им овозможи на граѓаните што помалку да ги користат автомобилите.

– Му ги пренесов и наидов на позитивен одѕив во врска со различните барања од нашите жители за конкретни автобуски линии и заеднички дискутиравме околу можноста за излегување во пресрет, било да се работи за смена на траса, за позачестен возен ред на одредена линија, враќање одредени автобуски линии и слични забелешки, кои од граѓаните стигнуваат на адреса на општина Кисела Вода. Убеден сум дека во многу скоро време, жителите на Општина Кисела Вода ќе ги почувствуваат придобивките од она што денес го договаравме со директорот на ова јавно претпријатие – информираше градоначалникот Ѓорѓиевски.

Од ЈСП „Скопје“, пак, велат дека средбата со Ѓорѓиевски била само една од многуте работни средби што директорот ги остварил со градоначалниците на дел од скопските општини.

– Досега такви средби одржавме со општините Бутел, Гази Баба, Центар и Аеродром, како и со повеќе урбани заедници низ повеќе општини. Целта на средбите е да се информираме за забелешките, проблемите, укажувањата во однос на јавниот превоз на предметната општина, со цел да се направат корекции во интерес на граѓаните како јавниот превоз би станал достапен и ефикасен за сите граѓани. Генерално, ни укажуваат на потреба од поставување автобуски постојки на одредени локации, на потреба од корекции на возен ред, се бара продолжување на одредени линии, воведување нови и слично – објаснуваат од ЈСП „Скопје“ од каде што информираат и дека на последната таква средба одржана во Кисела Вода, се разговарало и за поставување автобуска постојка во непосредна близина на Расадник, за поместување на две постојки во реонот на Усје, а се побарало и корекција на возниот ред на неколку линии.

Кога станува збор за реализација и исполнување на барањата што граѓаните или градоначалниците ги имаат до надлежните во ЈСП „Скопје“, од претпријатието велат дека тие имаат обврска да направат анализа и истражување за да утврдат дали едно барање е основано или не.

– За сите барања што се однесуваат на воведување нови линии, продолжување, скратување и слично, ЈСП „Скопје“ има обврска да направи истражувања и анализи на исполнетоста на неопходните сообраќајно-технички, безбедносни, економски и други услови, како би добиле одговор дали едно барање е основано или не. Во случај одговорот да е позитивен, неопходно е да се донесе соодветна одлука од страна на Советот на Град Скопје – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот