Катица Јанева заминува на боледување – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Катица Јанева заминува на боледување

Додека не се избере нов специјален обвинител, заклучно со 15 септември таа раководи со СЈО, велат од обвинителството.

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, е во Скопје. Таа заклучно со денешниот ден, трет ден по ред не доаѓа на работа. Од паркинг просторот пред СЈО не е поместен ниту нејзиниот службен џип „туарег“. Официјално од СЈО за „Слободен печат“ денеска изјавија дека Јанева од пред два дена е на боледување. Додека Јанева е приватно отсутна од работа, нејзе ја заменуваат специјалните обвинителки Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска.

– Без разлика на тоа што таа има поднесено оставка, се додека не се избере нов специјален обвинител, заклучно со 15 септември, таа раководи со СЈО – велат од Обвинителството.

Додека Јанева не оди на работа, форензичкиот Оддел на МВР, според извори од истрагата, веќе започнал да постапува по наредбата дадена од истражителите, односно врши проверка на содржината на компјутерите кои полицијата ги заплени од домот и работните простории на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, првоосомничен во аферата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) позната под името „Рекет“. На детална анализа ќе биде подвргнат и мобилниот телефон на Катица Јанева кој и беше запленет во петокот вечерта со писмена наредба од ОЈО.

Обвинителката Вилма Рускоска за „Слободен печат“ вели дека сè уште нема оценето кога ќе ја повика Јанева на разговор за причината поради која и е запленет мобилниот телефон. Таа додава дека Јанева до сега не се обратила до ОЈО, ниту пак прашала зошто и е одземен телефонот.

Катица Јанева во петокот после пладне прво ги известила колегите, а потоа и јавноста дека поднесува оставка од функцијата. После овој нејзин чекор, како што изјавија завчера на прес конференција нејзините колеги, ја немаат контактирано за целиот случај и низата прашања кои се споменаа во јавноста за нејзината оставка, која сосема случајно или не, беше само два часа пред полицијата да соопшти дека на преминот „Богородица“ го уапсила Јовановски, а во Скопје пак Зоран Милевски викан Зоки Кичеец, под сомневање дека изнудувале пари од осомничен, на кого му тврделе дека можат да влијаат кај обвинител за стопирање на истрага против него.

Во петокот во доцните вечерни часови, по барање на ОЈО, судија на претходна постапка, на Јовановски и Милевски им одреди 30 дена притвор. Во меѓувреме, ОЈО ја продолжи истрагата против нив, а најави дека листата на лица директно или индиректно вмешани во оваа афера ќе биде зголемен.

Вчера, пак, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје ги одби жалбите за притвор на Јовановски и Милески.

„Постапувајќи по жалби изјавени против решенија на судија на претходна постапка од 15 јули 2019 година, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје денеска одржа седница на која по ценење на наводите во жалбите како и фактите и аргументите во предметот донесе одлука со која жалбите ги одби како неосновани, а решенијата на судија на претходна постапка ги потврди во целост“, извести судот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

  1. Што е ова? Да не е некоја епидемија? А се фати некој во криминал или е осуден на затворска казна, иако цел живот не отишол на лекар, одма се разболуваат и земаат боледување. Е сега, во вакви случаи, малку да се истреси тој што го дал документот, па да видиме дали ќе има боледување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close