Карпошани сѐ уште се во исчекување – зонско ќе има, но не се знае кога

Фото: Слободен печат

Од ЈП „Градски паркинг“, кои треба да го уредат паркирањето во Карпош, не прецизираат кога ќе се воведе зонско затоа што редоследот на воведување и времето, пред сѐ, како што велат, зависи од тоа кога Општината ќе добие одобрен проект од МВР за режим на сообраќај.

Жителите на Карпош 1 и 2 повеќе од две години чекаат да им се реши проблемот со недостиг на паркинг места, по тогаш спроведеното анкетирање на кое мнозинството граѓани се изјаснија дека се за воведување зонско паркирање на улиците и постојните паркиралишта на овој простор.

Проблемот е стар со години, особено поради тоа што во Карпош 1 се паркираат и возила од Центар, каде што паркирањето е одамна регулирано.

Минатиот месец Советот на Општина Карпош конечно донесе одлука за наплата и распределба на комунална такса врз основа на паркирање на територијата на општината, што претставува формален чин на започнување постапка за воведување зонско паркирање, кое ќе го уредува ЈП „Градски паркинг“.

Зонското паркирање се воведува секогаш врз основа на барање на станари за што се спроведува анкета и доколку мнозинството се изјаснат за воведување зонско паркирање, Општината пристапува кон изработка на проект за изработување режим на сообраќај што потоа подлежи на одобрување од Секторот за сообраќај при МВР – велат од ЈП „Градски паркинг“.

Оттаму објаснуваат дека најголем проблем со наоѓање слободно паркинг место имаат станарите во делот на Карпош што граничи со Општина Центар, особено Карпош 1, иако не заостануваат многу ниту урбаната заедница „Владо Тасевски“ – реонот околу Млечен и реонот околу Министерство за економија.
Така, според барањата на станарите најпрвин би се пристапило со воведување зонско паркирање на посочените реони и тоа како реон 1 – Карпош 1 и Карпош 2, реон 2 – од улица Рузвелтова до булевар 8 Септември и реон 3 – од Министерство за економија до „Салон 29“, односно од улица Рузвелтова до улица Брадфордска.

Територијално Општина Карпош припаѓа во Зона Д каде што цената за еден час паркирање изнесува 25 денари. Сепак, ЈП „Градски паркинг“ не прецизираат кога ќе се воведе зонското паркирање затоа што редоследот на воведување и времето, пред сѐ, зависи од тоа кога Општината ќе добие одобрен проект од МВР за режим на сообраќај.

Станарите што гравитираат на зоните имаат право на дозвола за паркирање за две возила бесплатно, а за секое дополнително возило издавањето дозвола за паркирање е по цена од 1.000 денари месечно. Станарите имаат можност со барање за креирање профил за гостински карти да пријават гости и притоа во периодот во кој е пријавен гостинот, од профилот ќе се наплаќа по повластена цена од 10 денари на час за 30 часа месечно – велат од претпријатието.

Сепак, голем проблем е како ќе се организира зонското паркирање во Карпош 1 каде што уличките се тесни и моментално возилата се паркираат на тротоарите од двете страни. Прашање е и дали таму со зонското ќе се обезбедат доволно места за паркирање на станарите.

– Што се однесува до Карпош 1, за жал голем дел од уличките немаат соодветен профил за улично паркирање. Паркирањето ќе биде дозволено само на соодветно обележаните паркинг места на улиците, кои според режимот на сообраќај ги исполнуваат условите за улично паркирање и на паркиралиштата распоредени помеѓу блоковите на Карпош 1 и Карпош 2. Од досегашното искуство со воведување зонско паркирање, соодветно одбележување на паркинг местата и давање предност на станарите, начелно се обезбедува место плус за станарите – објаснуваат од „Градски паркинг“ и додаваат дека потребата за обезбедување дополнителни паркинг места ќе се определува и изведува во соработка со Општина Карпош и Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот