Карпошани против изградбата на спортско игралиште зад ЗЕЛС

Спортско игралиште треба да се гради во паркот на улица „Женевска“, зад ЗЕЛС, за кое се изјасниле мнозинството анкетирани жители на анкетата која локалната власт ја спровела на почетокот на март годинава. Но, деновиве на Фејсбук групата „Заедно за заштита на зеленилото на Карпош“ се појави петиција, со која се бара да остане зеленилото и се спори спроведената анкета од Општината.

– Жителите во непосредна близина на паркот се против, но според некаква си анкета на Општината, повеќето жителите биле „за“ изградба на спортски терен. Притоа не е направена јавна презентација, ниту сме јавно информирани за ова. Затоа ги повикуваме сите жители на Општина Карпош да ја потпишат оваа петиција, со цел да го зачуваме последното зеленило во Карпош, а и да докажеме дека анкетата не е веродостојна. Имаме доволно спортски терени и игралишта. На 200 метри е ОУ „Братство“, кое има спортски терени. Нам ни е потребно зеленило – се наведува во петицијата, која досега ја потпишале околу 800 граѓани.

Под објавата на петицијата на фејсбук-групата има мноштво коментари од загрижени карпошани, кои се за зачувување на зеленилото и кои сметаат дека со анкетата се опфатени само мал дел од жителите што живеат во блиската околина на паркот.

Во коментар се огласи и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој нагласи дека нема потреба од петиција.

– Доколку интересот е против игралиште (за разлика од анкетата), тогаш Општината сигурно нема да прави насилно игралиште, против интересот на граѓаните. По тој повод, ќе ги поканам оваа недела претставниците на заедници на станари од околните згради за заедно да одлучиме дали има потреба или не од игралиште за баскет – напиша Богоев.

Дел од граѓаните предлагаат наместо да се гради ново, да се обноват спортските игралишта во Основното училиште „Братство“ кое се наоѓа во близина.

– Обновете ги терените за баскет и фудбал во ОУ „Братство“. Ставете и клупи за седење, бидејќи таму се собираат жителите од пролет до есен. Млади баскетџии, родители со мали деца, комшики и комшии.. Нема потреба тревникот кај ЗЕЛС да го уништувате. Таму се прават снешковци во зима и се играат други детски игри за кои е потребна трева. Во „Братство“ никој никому не пречи, може да се игра до доцна навечер, има рефлектори. Клупи и канти за отпадоци (кои редовно ќе се чистат) и тоа доволно ќе биде – предлага во коментар Александра Младеновиќ.

Останува да се види што ќе донесе средбата со заедниците на станарите и каква ќе биде конечната одлука – ќе се гради ли игралиште за кошарка или ќе остане зеленилото зад ЗЕЛС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот