Каков отпад гори УСЈЕ ќе се знае за 10 дена, од компанијата не стравуваат од резултатите од анализите

Увоз на текстилен отпад од Италија/Фото: МИА

Вонредниот инспекциски надзор се прави со цел спречување на влез во државата на опасни материи, а примероците за анализа се земени од два камиона по случаен избор.

Резултатите од анализите од вонредниот инспекциски надзор на 11 камиони со отпад (РДФ) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарница УСЈЕ која поседува дозвола за користење на РДФ отпад како алтернативно гориво, се очекуваат за околу десет дена, информираат од Министерството за животна средина. Оттаму додаваат дека, се до добивањето на резултатите,  камионите со отпад ќе бидат складирани под соодветен надзор.

Примероците за анализа се земени од два камиона по случаен избор.

„По случаен избор од два камиона беа земени мостри, а другите камиони се органолетички прегледани. Со цел поголема веродостојност на резултатите, земените мостри ќе бидат доставени до две лаборатории и тоа до Хемиската лабораторија на РЖ Техничка Контрола, како и до Истражен центар за животна средина во Република Естонија“, велат од ресорното министерство.

Вонредниот инспекциски надзор се прави со цел спречување на влез во државата на опасни материи.

„Со цел поголема безбедност и заштита на здравјето на граѓаните, а во контекст на актуелизирањето на увозот на отпад во Северна Македонија, дополнително е подигнат степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните. Во таа насока, Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 11 камиони со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарница УСЈЕ. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица. Вкупната количина на отпадот е 261 тон“, се наведува во дописот од Министерство за животна средина.

 

Од цементарница УСЈЕ ја поздравуваат вонредната инспекциска контрола на Државниот инспекторат за животна средина, и додаваат дека се работи за 15, запрени камиони, а не 11 како што претходно објави Министерството за животна средина.

„Дополнителна контрола  на сите производи при увоз, вклучително и на алтернативно гориво е секогаш добредојдена и ние ги поздравуваме напорите  на Царина и Државниот Инспекторат за животна средина. Се работи за 15 запрени камиони со 360 тони алтернативно гориво од Италија наменети за нашата компанија. Се очекуваат од пристаништето во Солун да пристигнат дополнителни 27 камиони или вкупно со оваа пратка да се увезат 1.000 тони РДФ алтернативно гориво“, велат од Усје.

Одговорните од УСЈЕ не стравуваат од добиените резултати од анализите, бидејќи, како што велат, пратките кои ги набавуваат подлежат на строга контрола.

„Сите пратки на РДФ што ги набавуваме и ги употребуваме подлежат на строга контрола. Покрај анализите кои е обврзан да ги доставува производителот, сите земји низ кои поминува пратката добиваат целосна информација со сите параметри, вклучувајќи ги и нашите органи – Царинската управа, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина. Покрај тоа, примероци се анализираат и во нашата лабараторија, за да се направи потврда на декларираните параметри, а Цементарница УСЈЕ прави дополнителни сукцесивни анализи на примероци од доставеното алтернативно гориво и во независната акредитирана лаборараторија „Incolab Services B.V.“ од Холандија“, објаснуваат од УСЈЕ.

Добавувач на алтернативното гориво е компанијата ДЕКО од Тетово.

Инаку предметните пратки се декларирани како РДФ отпад (Refuse derived fuel -RDF) кој претставува алтернативно гориво (согласно ЕУ стандардите) произведено од отпад кој содржи биоразградливи материјали. Неразградливите материјали се претходно отстранети во целост во сложена постапка на сортирање и рециклирање во инсталации за преработка на отпад, и истото се користи за генерирање на енергија (особено при производство на топла вода, тулани, цементарници и слични капацитети).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот