Како е формирана озлогласената и мистериозна паравоена формација Вагнер?

Билборд со натпис на групата „Вагнер“/ Фото: Телеграм
Билборд со натпис на групата „Вагнер“/ Фото: Телеграм

Група платеници кои се борат за Русија под името Вагнер повторно го привлече вниманието на светот, откако украинските сили уништија тајна воена база во областа Попасна, за која се вели дека е главен штаб на озлогласената Вагнер група .

Оваа група е создадена во 2015 година и се смета за моќно оружје во рацете на Кремљ. Основач на оваа паравоена формација е поранешен руски разузнавачки офицер, кој воедно е и финансиер на Вагнер. Тој е познат под прекарот „готвачот на Путин“, а цел на неговото делување се секогаш најголемите непријатели на официјална Москва.

Фото: Архива/Слободен печат

Како настанал озлогласениот Вагнер?

Групата Вагнер е основана од поранешниот офицер на руската армија Дмитриј Уткин. Ветеран од Првата и Втората Чеченска војна, но и потполковник на ГРУ – руската разузнавачка служба, Оваа група платеници ги започна своите први операции за време на анексијата на Крим во 2014 година.

Иако рускиот Устав не дозволува формирање на паравоени формации, се верува дека Вагнер има упориште во Кремљ. Според таквата распределба на силите, Вагнер може да биде испратен во војна во име на Русија без руските официјални лица никогаш да признаат дека командата доаѓа од канцеларија во Кремљ – затоа што групата Вагнер се состои од независни платеници.

 

Припадници на Вагнер групата / Фото: Принтскрин / Јутјуб

Во Вагнер групата обично се регрутираат воени ветерани кои доаѓаат од руралните области, каде се без можности да заработат доволно пари за да живеат.

Кој ја финансира Вагнер групацијата?

Нема официјални информации за спонзорите и финансиерите на Вагнер, но се претпоставува дека парите за водење војни доаѓаат од руската разузнавачка агенција ГРУ, која ја следи „работата“ на оваа група.

Извори од групата Вагнер изјавија за Би-Би-Си дека нивната база за обука во јужна Русија е веднаш до базата на руската армија. Иако руските власти постојано негираа каква било поврзаност со платениците Вагнер, независните истраги утврдија дека основачот на групата, Уткин, исто така е поврзан со Евгениј Пригожин, олигарх познат по прекарот „готвачот на Путин“.

Евгениј Пригожин / Фото: Принтскрин / Јутјуб

Многу од компаниите на Пригожин во моментов се под санкции на САД поради нивното, како што е посочено „злобно политичко и економско влијание ширум светот“, но тој негираше каква било поврзаност со групацијата Вагнер.

Каде се досега биле ангажирани платениците на Вагнер?

Во 2015 година, групата Вагнер започна да дејствува во Сирија, борејќи се заедно со провладините сили на Асад за зачувување на тамошните нафтени полиња . Платениците на Вагнер се активни и во Либија од 2016 година, каде ги поддржуваат трупите лојални на генералот Калифа Хафтар.

Според неофицијални податоци, околу 1.000 платеници учествувале во военото напредување на силите на генералот Хафтар кон владата во Триполи во 2019 година.

Војници без обележја стражарат во Симферопол на Крим во 2014 година / Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

По Сирија и Либија, платениците на Вагнер пристигнаа и во Централноафриканската Република за да ги заштитат рудниците за дијаманти.

Американското Министерство за финансии тврди дека Вагнер служи во овие земји како заштита за рударските компании на Пригожин, како што се „М Инвест“ и Лобаи Инвест.

Пристигнувањето на членовите на Вагнер во Мали во 2021 година влијаеше на одлуката на француските власти да ги повлечат своите војници од таа земја.

Припадник на Вагнер во Украина /Фото: EPA/MAXIM SHIPENKOV

Злосторства под превезот на тајноста

Обединетите нации и француската влада ги обвинија платениците на Вагнер за силување и ограбување цивили во Централноафриканската Република, поради што Европската унија воведе санкции против припадниците на оваа паравоена формација .

Во 2020 година, војската на САД ги обвини платениците на Вагнер дека поставиле мини и други импровизирани експлозивни направи околу либискиот главен град, предизвикувајќи цивилни жртви.

Меѓутоа, лидерите, како и членовите на Вагнер, никогаш не биле повикани на одговорност за наводните злосторства.

Видео на денот