„Како држава сме нефер кон Јонче Христовски“: Бобан Милошески од „Авалон“ рече дека неправдата ќе се исправи
„Време е неправдата за Јонче да се исправи“, рече менаџерот Бобан Милошески од „Авалон“ продукција.
Препорачано
Милошески објави статус посветен на легендарниот фолк-пејач на фејсбук-профилот на „Авалон“ и рече дека како држава сме нефер спрема него.
„Сосема случајно видов дека пред неколку недели, на 5 април, е денот кога нѐ напуштил Јонче Христовски. Спомнување, одбележување… нула! Па вака, ако спрема некој човек, неговото творештво, значење и ‘legacy’, сме како држава нефер – тоа е сигурно Јонче!
Сега да направиме анкета: кој ги напишал ‘Македонско девојче’ и ‘Ој, Вардаре македонски’, 90 отсто од луѓето ќе ви речат – тоа се народни песни!!! А тие песни ги знаат 90 отсто жители на Балканот и по нив сме најпрепознатливи! А ‘Едно име имаме’, а ‘Ај засвирете ми чалгии’?! А ‘Ако умрам ил’ загинам’?!
Да не живеете во заблуда – Јонче е најголем македонски композитор и текстописец на сите времиња и еден од најголемите на Балканот!
Време е неправдата да се исправи и сите да го дознаат тоа!“, стои во статусот на Милошески.
На 5 април во 2023 година, Битолскиот камерен оркестар организираше концерт во чест на Јонче, наречен „Јонче Христовски симфонија“. Истиот концерт се одржа и во Битола.
Невенка, ќерката на легендарниот пејач Јонче Христовски, се расплака на сцената на Националната опера и балет, додека заедно со Виолета Томовска испеа дел од „Македонско девојче“, песната што ја создал нејзиниот татко.
Виолета Томовска ја повика неговата ќерка Невенка да се појави на сцената. Иако таа не сака јавно да се експонира, едвај собра сила и ѝ се придружи на Виолета во половина од легендарната песна, а потоа си замина. На сцената со Виолета, по најавата на Ристо Самарџиев, се појави уште една Невенка – вистинското македонско девојче. Тоа е ќерката на Виолета, која се вика исто како и ќерката на Јонче. За неа, како подарок за првиот роденден, Јонче ја напишал „Македонско девојче“.
На концертот настапија и Петар Младеновски, Горан и Ленче Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски и Агни Авшар, со оркестарот под диригентската палка на Владимир Димовски.


