Јужна Африка натоварила оружје на руски брод под санкции, обвини Америка

Фото: PickPik.com

Американскиот амбасадор во Јужна Африка во четвртокот ја обвини јужноафриканската влада за доставување оружје и муниција на санкциониран руски товарен брод кон крајот на минатата година, објавија локалните медиуми.

„Меѓу работите што ги забележавме беше приклучувањето на товарниот брод во поморската база Сајмон Таун помеѓу 6 и 8 декември 2022 година, за кој сме уверени дека доставил оружје и муниција на тој брод во градот и со тоа се вратил во Русија“, изјави амбасадорот Рубен Бригети за локалните медиуми.

„Уверени сме дека оружјето беше натоварено на тој брод и јас би се обложил со мојот живот на точноста на тоа тврдење“, вели амбасадорот, според „Си-ен-ен.“

„Вооружувањето на Русите е исклучително сериозно и ние не сметаме дека ова прашање е решено и би сакале ЈА да [започне] да ја практикува својата политика на неврзаност“, рече тој, според двете вести.

Присуството на мистериозниот товарен брод „Лејди Р“ предизвика значителни шпекулации кога се закотви во поморската база во Сајмон Таун во близина на Кејптаун во декември. Товарните бродови обично се закотвуваат во цивилното пристаниште на Кејптаун, а не во поморската воена база.

Канцеларијата за финансии на САД за контрола на странски средства го додаде „Лејди Р“ на списокот со санкции во мај минатата година за наводна испорака на оружје, заедно со голем број други товарни бродови под руско знаме.

Јужноафриканското претседателство ги нарече обвинувањата од Вашингтон „разочарувачки“ и предупреди дека тие „го поткопуваат духот на соработка и партнерство“ меѓу претставниците на американската и јужноафриканската влада кои разговараа за ова прашање.

Кабинетот на претседателот Сирил Рамафоса во соопштение наведе дека не биле обезбедени докази за поддршка на овие наводи и дека владата планира да формира независна истрага за ова прашање.

Невообичаено е американскиот амбасадор во Јужна Африка да упатува вакви јавни обвинувања против владата.

Јужноафриканската влада беше под интензивни критики за нејзиниот став за руската инвазија на Украина и рутински се воздржуваше од гласањата за осуда на Русија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во февруари оваа година Јужна Африка свика поморски воени игри во близина на нејзиниот брег, вклучувајќи ја и руската и кинеската војска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот