Јубилеј: Десет години Скопје танцов театар

На 6 април 2011 година беше изведена првата претстава на Скопје танцовиот театар, „Меѓусвет“ во кореографија на Рисима Рисимкин, со која официјално почна со работа првата современа танцова компанија кај нас.

Скопје танцовиот театар во изминатите 10 години во континуитет активно работеше на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на танцовиот театар промовира нова естетика и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц.

Јубилејот беше одбележан со онлајн прикажување на „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе целовечерни продукции, како „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, чија премиера се случи минатата година на фестивалот „Охридско лето“, „Идентитети“, „Дома“, „Луцидниот Јос“, „Меѓусвет“, „Орландо“, „Човек во ходникот“, „Хот“, „Потрага“, серијата претстави со наслов „Импулс“, потоа „О!(тело)“, „СМС (сите мои слики), „Блесок“, „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД, Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија, Катцура Кан од Јапонија, Антон Рудаков од Германија, Антонело Тудиско од Италија, Јотам Пелед од Израел, Шимон Кубан од Република Чешка и други.

Во своето 10-годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчарски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 година во соработка и со Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што се префрли оваа програма за едукација на современи танчари и каде на високо професионално ниво обучува нови кадри во моментов. Компанијата овозможува развој на млади уметници, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи, меѓу кои Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други.

Прва изведена претстава на Скопје танцовиот театар е „Меѓусвет“ во кореографија на Рисима Рисимкин

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања низ Македонија, како и во странство, и тоа во Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар „Санвинченто“ (2011), Саем за танц во Диселдорф и „Културбункер“ во Келн, Германија (2012), ИТС-фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013), „Meet in Beijing“, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, „Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), фестивалот „Share“ во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина. Со претставата „Кожа“ во 2018 година Скопје танцовиот театар гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекиншката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин.

Во 2021 година Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 76, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот