Јовановиќ: Владата да ги казнува пекарите, а тие да му се извинат на народот
„Владата никако не смее да отстапи од одлуката за замрзнување на цената на лебот, туку напротив, треба да преземе мерки против фирмите кои одбиваат да произведуваат леб“, вели економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Препорачано
Пекарските компании денеска ја исполнија заканата дека нема да доставуваат бел и полубел леб до маркетите по „замрзнатата“ цена од 33 денари за векна, што ја одреди Владата.
Јовановиќ вечерва во „Топ тема“ на „Телма“ рече дека Владата мора да ги санкционира производителите на леб поради ваквото однесување во време на економска криза, кога расте бројот на сиромашни луѓе во државата.

„Во одлуката за замрзнување на цената, треба да пропишат дека фирмите се должни да продолжат со непречено снабдување, и дека ако не го направат тоа, ќе има строги парични казни, па и можност за преземање на производството. Во Албанија и Србија, кога се замрзнаа цените, се пропишаа и вакви одредби. Во Албанија, највисоката казна е 2 милиона евра, а државата може да ја заплени и целата залиха на производи со која располага фирмата. Па тогаш да видиме дали фирмите ќе се однесуваат вака“, вели тој.
Според Јовановиќ, фирмите и со замрзнатата цена би имале заработувачка од лебот, но помала.
-Тие не одат во загуба, само што добивката сега малку ќе им се намали. Вината во оваа ситуација е целосно кај пекарите, тие решија неоправдано да остават цела држава без леб, и затоа тие треба да отстапат, а притоа и да ѝ се извинат на јавноста – вели поранешниот советник на министерот за финансии.
Јовановиќ појаснува дека Владата има механизми да ги натера производителите да испорачуваат леб бидејќи тоа е јавен интерес, а јавниот интерес е над приватниот. Во спротивно Владата може да го преземе производството, а работниците, подвлекува тој, нема да одбијат да испечат леб.
-Како можеше државата да ја преземе „Топлификација“? Слично е и ова“, вели економистот, кој порано работеше во Министерството за финансии.
Економистите укажуваат на тоа дека замрзнувањето на цените на основните прехрамбени производи може значително да влијае во справувањето со инфлацијата и нејзините негативни ефекти врз граѓаните.


