Јорганџијата Али: Мака има, но работиме со голема љубов

Купувајте јоргани, перници, прекривки од природни материјали како волна и памук. Тие се долготрајни. Не купувате само природно, купувате здравје. Тоа е многу важно. Ако спиете и се покривате со природни работи, помалку ќе одите на лекар, не уверува Али Халили, единствениот и оригинален јорганџија во Старата скопска чаршија и веројатно во државата.

Едно претпладне го посетивме неговиот дуќан „Професионал”, лоциран на улицата „Јорганџиска” бр 8. Халили за себе вели дека е занаетчија, а не трговец. Има долгогодишна традиција во производство на јоргани, душеци, перници изработени од различен материјал, прекривки, постелнина… Единствено тој нуди услуги од овој тип. Работи по порачка, рачно и машински. Сè изработува со своја рака и со свој труд.

За љубовта кон јорганџискиот занает

Јорганџијата Али има 63 години, а во Чаршијата е од 1965 година. Порано во Чаршијата имало 25 јорганџии, кои ги затекнал и имало повеќе работа.

– Дедо ми бил јорганџија, татко ми и јас, трета генерација. Овој занает е во фамилијата 80 години, рече Халили, додавајќи дека и неговиот брат бил јорганџија, но отишол во пензија.

Ни раскажа дека цело време работеле во дуќанот, во Чаршијата. Нарачките се прават по мерка, а мерките воопшто не се проблем за него. Дуќанот работи од 8 до 18 часот, а во сабота до 15 часот. Занаетот го учел кај татко му и имал можност да избере за својата иднина, студии или да биде јорганџија.

– Јас завршив средно училиште и татко ми ме праша – сакаш да одиш на факултет или сакаш занает. Јас одговорив – тато јас сум за занает. Потоа навлегуваш во тајните на занаетот, тоа постепено. Во занаетот има чирак, калфа и мајстор или како основно, средно и високо образование. Тука имаш и теорија и пракса. Тоа значи учиш многу вредни работи. Многу е важно да почитуваш некого, дали е помлад или постар како муштерија, дали е просјак. Не, ние не гледаме така. Ние гледаме како муштерија да го пречекаме, со насмевка и така да го испратиме, рече Халили.

Тој вели дека прво се учи занаетот, постепено, а потоа се учи како да го пречекаш и испратиш муштеријата, и тоа е многу важно.

– Тоа никој не го учи, тоа и во школо не се учи. Потоа Ви се создава љубовта кон занаетот. Не може да го изработите на пример овој јорган туку-така. Не, или да биде како што треба,  или немојте да се согласувате да работите, потенцира Халили.

За него не претставува проблем пред муштериите да се извадат јорганите, да се покажат, кои не се така лесни за да ги услужат.

– Ние сме навикнати чесно да работиме и асално, како што треба. Тоа е многу, многу важно. Со најголема љубов. Мака има, стварно е мачно да се сошие еден јорган, ама навикнати сме на тоа и мора да го работиме со голема љубов. Верувајте тоа е неверојатна работа, не може да се објасни со зборови, потенцира Халили.

Се потсети дека претходно имале работници, чирак или калфа. Кај нив доаѓале госпоѓи кои сакале дома да им бидат изработени јоргани, на тераса.

– И одеше работникот, имаше едно дрндало, и го праќавме таму да шие. Мајстор беше за тоа, знаеше, одеше ги изработуваше дома, вели Халили. Додаде дека сега робата се носи во дуќанот и се изработува со гаранција. – Гарантираме за тоа, гарантира дуќанот, потенцира Халили.

Ни раскажа дека муштериите во дуќанот носат стари јоргани за да ги преправи…

– Мени ми носат стари јоргани, од 40 до 50 години. Рекордот го држи стар јорган од 72 години за да се преправи. Преправениот јорган потоа може да се користи и во наредните 45 години, колку е тоа вредно и природно, заклучи Халили.

Порачува да се исфрлат од употреба неквалитетните материјали, кинески платна од кои, како што вели, може да се разболи или да се добие алергија. Смета дека муштериите се навикнати да купуваат евтини работи, на пример перници од 150 денари. Најчесто купуваат роба од маркети, за време на некои акции каде има намалување, место од кај него.

– Одат и купуваат евтини работи, кои се краткотрајни. Тоа е најлошото, а не знаат дека ако купат еден квалитетен јорган ќе го употребуваат со години, рече Халили. Тој ја фали својата роба, своите производи, и додава дека рачно изработен јорган трае 50 години.

Освен од нашата земја, јорганџијата има муштерии од Косово, Србија, Турција, кои сакаат природни работи, со волна и памук. Досега имал нарачки и од Шведска, Шпанија, од луѓе кои работат во амбасадите… Нашите цени, како што вели, се многу поевтини, во споредба со другите, од Европа и од другите земји.

Занаетот изумира 

За жал, по Халили нема кој да го продолжи занаетот.

– Нема ни работници, ни ученици. Ова е тежок занает. Јас сум го наследил и до крај ќе одам со ова, додека ме служи здравјето, нагласи Халили.

Јорганџијата Халили вели дека занаетите се малку и ако сакаме да ги сочуваме потребна е помош.  Според него, во моментов занаетчиите немаат никаква помош од државата. Државата или надлежните треба да најдат начин, некако да им се помогне на занаетчиите кои, како што вели, се малку на број. Потребно е да им се помогне барем на старите, оригинални занаетчии, кои се останати во Чаршијата. Смета дека за пет години веројатно ќе исчезнат и мајсторите во Старата скопска чаршија или до 80 отсто.  Помошта може да биде во вид на плаќање данок или финансиска помош, да им се плати пензиско и социјално осигурување. Тоа, како што потенцира, многу ќе значи за нив, а за државата малку.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот