Јавен повик од бугарски интелектуалци и научници: Бугарија да признае одговорност за депортацијата на Евреите
Спасувањето на Евреите во „стара“ Бугарија и нивната депортација од „новите земји“ се претставуваат како независни настани. Но, спротивно на сфаќањето што преовладува во Бугарија, спасувањето на поголемиот дел од Евреите под бугарска власт ниту го поништува ниту го омаловажува фактот дека бугарската држава била соучесник во холокаустот, сметаат потписниците на „Повикот“.
Група бугарски научници и интелектуалци повикаа „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност и да се извини за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на Втората светска војна“. По повод 80-годишнината од настаните наречени „Спас на бугарските Евреи“, тие побараа многу поодговорен и што помалку стереотипен однос кон овие драматични случувања.
Препорачано
Автори на „Повикот“ се историчарите Румен Аврамов (тој е и економист), Александар Везенков и Стефан Дечев, социологот Лилијана Дејанова и филозофот Стилијан Јотов. Тие добија поддршка од десетици други интелектуалци, новинари, активисти за човекови права, јавни личности. Сите тие се убедени дека бугарското општество денеска има пристап до доволно информации за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна и дека е време да се фрли нов поглед на овој важен момент од нивната историја.
„Бугарија никогаш не сакаше да најде јазик со кој ќе означи два неразделни и во исто време целосно спротивни историски факти: спасените животи на Евреите од предвоените територии на Бугарија и депортацијата во логорот Треблинка (4–29 март 1943 г. ) на Евреите од земјите што беа окупирани во април 1941 година, вклучувајќи ја и Македонија“, сметаат тие. Интелектуалците повикуваат сеќавањето на овие настани „да излезе од митологизираните мотиви, од постојаното наддавање во припишувањето заслуги, од бегство од одговорноста, како и од темната страна на она што се случило. Со текот на времето, овој датум натежна со пораки и молк. Зборови за доблест, благородност и храброст надополнети со агресивно негирање на соучесништвото во едно мрачно дело“.
Овој морален гест – напомнуваат потписниците – во никој случај не би значел колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тоа би бил знак на зрелост и цивилизираност, поклон за невините жртви и израз на почит кон оние што всушност придонеле за спасување на многу човечки животи. Тие се убедени дека бугарското општество денеска има пристап до доволно информации за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна и дека е време да се фрли нов поглед на овој важен момент од нивната историја.
Спасувањето на Евреите во „стара“ Бугарија и депортациите од „новите земји“ секогаш се претставуваат како целосно независни настани водени од автономни сили. Но, според авторите на „Повикот“, тие се дел од еден трифазен план што бугарската држава го спровела доброволно и предвреме, а не под германски диктат. „Спротивно на сфаќањето што преовладува во Бугарија, спасувањето на поголемиот дел од Евреите под бугарска власт ниту го поништува, ниту го омаловажува фактот дека бугарската држава била соучесник во Холокаустот. Државниот антисемитизам во Бугарија за време на Втората светска војна ги осуди Евреите на граѓанска и на економска смрт. А 11.343 Евреи од Беломорието, Македонија и Пирот се испратени од бугарските власти на физичка ликвидација“, пишува во апелот.
Во него се оценува како лицемерно тврдењето дека Бугарија сакала, но „не била во можност“ да ги спаси Евреите во „новите земји“ зашто немале бугарско државјанство. Од една страна, велат авторите, државата не пројавила таква желба во ниту еден момент, а од друга страна оние со југословенско и грчко државјанство биле лишени од можноста да добијат бугарско државјанство по сила на антисемитскиот закон донесен уште во 1940 година, пред приклучувањето на Бугарија кон Оската. А кога еврејските заедници од Македонија молеле да добијат бугарско државјанство, барањата им останале неодговорени. Притоа се напоменува дека „Спасувањето на бугарските Евреи“ не е единствен случај во Европа. Италија, Унгарија и Финска како сојузници на Рајхот не ги депортирале своите Евреи, а Италија во логорите на смртта не ги испратила ниту Евреите од Албанија и од делови од Грција и од Југославија кои биле под нејзина контрола.
Румен Аврамов, еден од авторите на повикот, заедно со историчарката Надја Данева е автор на обемниот зборник насловен „Депортирањето на Евреите од Вардарска Македонија, Беломорска Тракија и Пирот, март 1943 година“, објавен во Софија во 2013 година. На приближно 2.000 страници се собрани изворни документи за животот на Евреите од почетокот на војната, пред, за време и по депортацијата. Во делот за Македонија се содржани документи од скопската, битолската и од штипската еврејска област со детални информации собирани од Бугарите.
Во изјава за „Слободен печат“ тој објаснува дека со Данева имале различен повод за собирање документи за депортациите – таа работела на списоците со депортирани, вклучувајќи ги имињата на децата, а тој на бугарската стопанска историја за книга „Спасување и паѓање. Макроекономијата на државниот антисемитизам во Бугарија 1940-1944“. На зборникот работеле од 2010 до 2013 година, а користеле документи од многу бугарски архивски фондов, особено од Комесаријатот за еврејски прашања во Софија. Според Аврамов, сите архиви биле јавни и немале проблем да дојдат до документите.
– Според нас, целта на зборникот е постигната. Собрани на едно место, претставени комплетно и систематски, документите говорат сами за себе. Фактите за депортирањето веќе тешко може да бидат одрекувани или премолчувани. Секој читател, особено младиот, ќе може, ако сака, непристрасно да се ориентира во историската вистина – вели Аврамов.
Во зборникот се наведени имињата на сите Евреи во Македонија, а во периодот пред депортацијата забележани се забраните за движење, одземањето на нивниот имот, отстранувањето од работа… На пример, документирана е наредбата на Комесаријатот за еврејски прашања од 15 јануари 1943 година со која на Евреите од скопската еврејска област им се забранува влез во сите ресторани, слаткарници, кафеани, млекарници, бозаџарници и продавници за алкохолни пијалаци на ул. Цар Борис Трети, на централниот плоштад Цар Борис Трети и на ул. Цар Фердинанд. Евреите имаат забрана и за влез во кино на празници, во четврток, петок, сабота и недела, како и на игранки, во паркови, на градската плажа на Вардар. Забрането им е и „бесцелно движење“ по улиците во центарот на градот.
Задачите за иселувањето на Евреите се дадени во февруари 1943 година и во согласност со договорот со Германија, од Македонија треба да се иселат околу 8.000 лица, а се предаваат во Скопје и во Битола во собирни центри-логори во магацини во училишта. Правилата вклучуваат и што можат да носат Евреите со себе. Комплетните списоци на собраните Евреи се детални – имиња, презимиња на сите членови на семејствата, возраст, адреса на живеење, а во забелешките се дополнува каде се во моментот на собирањето, ако не се дома, како и што имаат од добиток. По прецизните упатства координирани со Германија, бугарската окупациска власт во Македонија, Беломорска Тракија и југоисточна Србија депортираше 11.343 Евреи. Само малкумина од нив го преживеаја ужасниот концентрационен логор Треблинка. Според авторите на зборникот и на повикот до бугарските власти, тезата за ограничена моќ и за некаква независност на Бугарија во однос на „новите земји“ е неоснована.


