Јанева дојде во Обвинителство да даде исказ за „Рекет“

Фото: Д. Митрески

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска, во придружба на затворското обезбедување, дојде во Обвинителство да даде исказ пред обвинител од Одделот за организиран криминал и корупција за аферата под кодно име “Рекет”, поради која Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски се единствените притворени и осомничени. Јанева беше придружувана од неколкумина полицајци.

Како што е познато, на 20 август, судија на претходна постапка од Кривичниот суд на поранешната шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и одреди 30 дена притвор. Притворот го побара обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Јанева е обвинета дека ја злоупотребила службената положба и овластување и влијаела за поповолна позиција на осомничениот Орце Камчев во предметот „Империја”.

Во притвор за истиот случај веќе втор месец се осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски. На 18 овој месец, Јанева преку својот адвокат понуди недвижен имот за да и биде укинат затворскиот притвор, во замена за друга поблага санкција. Но, тоа барање беше одбиено од Кривичниот суд кој ѝ го продолжи притворот за уште 30 дена.

Вчера пак, за првпат пред обвинител од Одделот за организиран криминал и корупција исказ требаше, ама не даде Бојан Јовановски, првоосомничен за аферата „Рекет“. Тој стражарно беше спроведен од истражниот затвор „Скопје“ каде ги одлежува вторите 30 дена притвор кој му беа одредени по барање на ОЈО. Боки 13 беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите. Неговиот адвокат Сашо Дуковски вчера изјави дека „за првпат во земјава се бара од лице изјава за предмет во кој е завршена истрагата. Со ова е повредено правото на одбрана. Бидејќи немавме увид во доказите, денес не дадовме исказ. Од среда ќе имаме можност да ги видиме доказите. Ние сега имаме можност да поднесеме докази“.

Само еден час по неговата изјава се огласи Јавното обвинителство. Од таму истакнаа дека „по севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет” и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените“. Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.

Во изминатиот период во врска со овој случај во ОЈО сведочеа тројца поранешни обвинители од СЈО, поранешниот градоначалник на Битола Силјан Мицевски, бизнисмените Ресул Лога и Ардијан Амзоски од „Дрим Билдинг“, водителката Лила Филиповска, пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика, бизнисменот Зоран Азманов и уште неколкумина други лица од кои ОЈО зело изјави за аферата „Рекет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот