РЕК Битола. Фотографија: EПА/ Ѓорѓи Личовски

Јаглеродната такса чука на врата – ако државата не се разбуди, данокот ќе оди во ЕУ

Обврската за плаќање ќе биде во првата половина од 2027 година, а ќе треба да се направи сертификација на јаглеродните емисии и за 2026 година, па потоа да се пресметува данокот. Министерството за енергетика информира дека државата интензивно работи на зајакнување на националната инфраструктура за верификација и техничка поддршка за компаниите. Сите се надеваат на одложување.

Производството на железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и на електрична енергија се гранки што ќе бидат засегнати од данокот за јаглерод диоксид, кој од 1 јануари 2026 година треба да се воведе и во нашата земја, но со обврска за плаќање од 2027 година. Воведувањето на данокот е во согласност со Механизмот за јаглеродно гранично приспособување (ЦБАМ), кој ги опфаќа овие категории производи произведени во трети земји, а кои треба да се увезат во земја членка на ЕУ. Целта на мерката е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја членка или во трета земја.

Големите домашни извозници од овие дејности се подготвуваат за новата давачка, но се чини дека државата не се подготвува. Сè уште нема донесено ниту законска регулатива што ќе овозможи прибраниот данок да остане во Македонија, а ако не си ги собереме парите, тие ќе отидат во касата на Европската Унија.

– Без регулатива нема да има како да ги уплатиме парите во државата. Секако дека сакаме, ако треба да плаќаме, тоа да го направиме во нашата земја. Во спротивно, парите ќе отидат во ЕУ – изјави за „Слободен печат“ Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори на македонскиот гигант во челичната индустрија „Макстил“.

Макстил може да стане и поконкурентен

Цветковски вели дека „Макстил“ е подготвен да плаќа ваков данок и дека редовно прави пресметки. Сепак, тој укажува дека и во самата Европска Унија сè уште не е јасно како ќе се воведе тој данок. Дури, како што посочува, ЕУ ја очекуваат две реформи: една за ограничувањата на увозот, друга за ЦБАМ, па постојат индиции и за одложување на јаглеродната такса.

– За јаглеродната такса има различни предлози што сè уште се во фаза на предлози. Објавено е дека на почетокот на декември ќе има состанок на Европската комисија и би требало да се дефинираат сите тие нејаснотии што сега постојат и потоа законот треба да се предложи на Европскиот парламент. Но, во однос на дефинираните дејности, се воведува данокот од 2026 година, со тоа што тој ќе се плаќа во 2027 година. Обврската за плаќање ќе биде во првата половина од 2027 година, а ќе треба да се направи сертификација на јаглеродните емисии за 2026 година, па потоа да се пресметува данокот – објаснува Цветковски.

Тој вели дека последните пресметки што ги направиле се дека „Макстил“ ќе треба да плаќа 15-ина евра по тон челик што сега чини некаде околу 700-800 евра. Но, бидејќи „Макстил“ не произведува од руда, туку преработува железо, се надева дека со еколошката такса ќе биде и поконкурентен од оние што имаат интегриран процес – од руда до краен производ.

– Голем прашалник е дали Европската Унија ќе го увиди тоа дека некои производи, какви што се тие од интегралниот процес, многу повеќе ја загадуваат човечката околина од нашиот производен процес, затоа што различен производен процес одредува и различни јаглеродни емисии. Ако тоа се случи, тогаш сите тие што ќе произведуваат од интегрален процес, ќе имаат такса од 150 евра по тон, а според нашите симулации, ова не се официјални бројки – вели Цветковски.

 „ТИТАН Усје“ стравува од нелојална конкуренција

Но, од цементарницата „ТИТАН Усје“ стравуваат дека може да е соочат со нелојална конкуренција.

– Заложбите и преземените чекори преку имплементација на домашното законодавство за намалување на јаглеродните емисии е исклучително важен чекор. Но, мора да се има предвид и состојбата на терен и позициите на домашните компании, кои ќе се соочат со нелојална конкуренција. Имено, увезените производи што доаѓаат од земјите што не се во ЕУ (на пример: Турција, Албанија, Србија, Косово и сл.), немаат ваков трошок, па нивните производи ќе имаат пониски цени во однос на домашните производи. Во таа смисла, многу е важно при копирање и имплементирање на европското законодавство, да се земат предвид и ваквите локални карактеристики и увезените производи од земји што не се членки на ЕУ да подложат на идентичен данок на јаглерод според ЦБAM – изјавија од Цементарницата за „Слободен печат“.

Оттаму посочуваат дека „ТИТАН Усје“ веќе подолг временски период работи на имплементација на добри практики и континуирано осовременување на производството што придонесуваат за намалување на јагленородниот отпечаток.

– Компанијата како дел од Групацијата ТИТАН користи најсовремени технологии за производство, во чија имплементација компанијата инвестираше околу 6 милиона евра во изминатите пет години, а ќе се инвестираат дополнителни 3 милиони евра до 2028 година. Иако најголемиот дел од нашите производи се наменети за домашниот пазар, ние исклучително темелно пристапуваме кон овој процес. Преку нови формулации за цементи, произведуваме производи со повисок квалитет, а со помал јаглероден отпечаток. Инвестиравме во фотоволтаична централа со моќност од 3 мегавати, која исто така придонесе за дополнително намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид, „ТИТАН Усје“ е првата компанија во државата која инвестираше во постројка за копроцесирање на алтернативни горива од избрани фракции на неопасен отпад. На тој начин преку намалување на употребата на фосилни горива, придонесуваме кон поголема декарбонизација. Како резултат на сите овие активности, „ТИТАН Усје“ ги дочекува подготвен Механизмот за прекугранично приспособување на јаглерод, иако пласманот на нашите производи претежно се пласираат на домашниот пазар – велат од Цементарницата.

Предлозите за пофлексибилни рокови се разгледуваат во Европскиот парламент

 

Од Министерството за енергетика велат дека внимателно ја следат динамиката на европската регулатива за воведување на ЦБАМ.

– Иако оригиналната регулатива предвидува дека од 1 јануари 2026 треба да почне примената на новиот режим, клучните подзаконски акти, технички правила и практични упатства – особено деталните правила за верификација, акредитација, пресметка и признавање на плаќања, сè уште се финализираат. Тоа создава реални неизвесности за сите засегнати земји, па затоа со Европската комисија сме во континуирана комуникација за сите отворени прашања – изјавија од Министерството за „Слободен печат“.

Оттаму појаснија дека предлози за пофлексибилни рокови и одложување на обврската за купување сертификати за 2026 до 2027 година, веќе се дискутираат на ниво на Европскиот парламент. Засега нема конкретни информации и овие можности зависат од политички договор меѓу институциите на ЕУ.

– Во овој момент најважно е компаниите навремено да се подготват: да ги согледаат своите производни процеси, да ги организираат податоците за емисиите и да ја проценат потенцијалната изложеност кон ЦБАМ. Ова е клучно за да се зачува конкурентноста на домашните извозници на европскиот пазар, особено кога дел од правилата и понатаму се доработуваат – велат од Министерството.

Министерството информира дека паралелно, како држава, интензивно се работи на неколку правци: зајакнување на националната инфраструктура за верификација и техничка поддршка за компаниите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот