Јачева-Улчар: Македонската декларација за јазикот не се спротиставува, туку е комплементарна со бугарската

проф. д-р Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик
проф. д-р Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик / Утрински брифинг

Унилатералната декларација на македонската влада во врска со македонскиот јазик која е поднесена до ЕУ предизвика реакции во дел од јавноста која оваа изјава ја чита на начин дека Македонија се откажува од јазичното простирање на македонскиот јазик надвор од државните граници, односно како да се откажува од дијалектите на Македонците од северна Грција и западна Бугарија. За оваа дилема ниту лингвистите и македонистите немаат ист став.

Професорот на Филолошкиот факултет и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов вели дека оваа декларација го дефинира стандардниот литературен македонски јазик и во неа нема ништо спорно, а професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар смета дека македонската унилатерална декларација не само што не се спротиставува на бугарската со која се негира постоењето на македонскиот јазик, туку на некој начин е комплеметарна со неа.

Професорката Јачева-Улчар за „Слободен печат“ вели дека едностраната изјава од македонска страна е контрадикторна.

– И покрај тоа што во неа се вели дека македонскиот јазик има свој временски и просторен континуитет, веќе во наредните редови тој просторен континуитет се ограничува само во државните граници, со што е избегнато македонското дијалектно простирање во Пиринска и Егејска Македонија, како и во пограничјето со Албанија и со Косово. Од друга страна, македонскиот јазик се ограничува и временски, зашто неговата историја не започнува од 1945 година, туку уште со Моравската мисија, за чии цели бил создаден старословенскиот јазик врз македонски говори од околината Солун. Во оваа смисла, големиот австралиски славист Реџиналд де Бреј, неслучајно ќе рече: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературан јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“ – вели Јачева-Улчар.

Таа додава дека во нашата изјава фигурира кардинална неточност дека македонскиот јазик бил „признат“ на Третата конференција на УНГЕГЕН во Атина 1977 година.

– Во Атина е донесена Резолуција за тоа како македонската (заедно со тогашната српскохрватска) кирилица ќе се предава со латиница или коконкретно, како македонските топоними ќе се предаваат на географските карти со латиница. Да не зборувам за тоа дека текстот се коси со Резолуцијата од нашето Собрание во која се вели: „Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.“ И како последно: овој толку значаен текст, воопшто, не е лекториран – вели Јачева-Улчар.

Таа се соглсува со ставот на проф. Људмил Спасов дека стандардниот литературен јазик е стандардизиран врз основа на говорите во Битола, Велес, Прилеп и Кичево.

– Но, токму тоа не го читаме во едностраната изјава. Како претседател на Советот за македонски јазик, ќе беше убаво да му сугерира на нашето МНР што треба да стои во изјавата, а не отпосле да се толкува. Документите од ваков тип сметам дека треба да бидат еднозначни и јасни и без оставање простор за „толкувања“ и различни интерпретации – вели Улчар.

Во врска со тоа дали има опасност за македонскиот јазик во иднина, со оглед на ставот на Бугарија, Улчар смета дека присуството на формулациите како „Северна Македонија очекува истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти“ или „…македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ“ создава сомнеж дека не сме обезбедиле никакви гаранции за именувањето на македонскиот јазик, наспроти бугарската варијанта „официјален јазик на РС Македонија“.

Професорот Људмил Спасов во изјава за „Дојче веле“  рече дека во македонската декларација се зборува за стандардниот литературен јазик.

– Тој јазик уште од времето на Мисирков, потоа Конески и потоа Комисијата за јазик и правопис е стандардизиран врз основа на следните говори: Битола, Велес, Прилеп и Кичево. Тој јазик се темели на нив – вели тој.

Во документот кој го испрати македонската влада до ЕУ се наведува следното:

„Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.“

Според професорот Спасов ваквата дефиниција е на линија со граматиката на Конески од 1952 година, со која што се стандардизира јазикот, како и на Правописот издаден во 1945 година.

– Целата активност која се развива во втората половина на 19 век, преку Цепенков, Шапкарев и други се заснова врз западното наречје. Мисирков е исклучително јасен кога вели: Македонците од западна, северна, источна и јужна Македонија кога ќе си ги подадат рацете тие ќе се вкрстат околу Битола и Прилеп. Ние во декларацијата зборуваме за стандарден јазик, оној што е официјален и на кој што се пишуваат сите документи не само внатре во земјата, туку и надвор – вели Спасов.

Тој нагласува дека треба да се прави разлика меѓу стандардизиран литературен јазик и македонско јазично подрачје, кое, како што додава, „се простира и надвор од границите на Северна Македонија и тоа се докажува со научни историски социолошки и други факти“.

Бугарија во својата унилатерална декларација за македонскиот јазик што ја поднесе во ЕУ вели:

„Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма. Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални и неофицијални документи на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонскиот јазик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот