Извозниците страдаат од недоволна странска побарувачка

Фото Илустрација

Повеќе од една петтина од компаниите меѓу најограничувачките фактори за нивниот развој, на прво место ја ставиле недоволната странска побарувачка.

Работниот капацитет на македонските компании во мај се намалил за 35 проценти. Влијанието на пандемијата покажува дека деловните субјекти користеле 65,4 отсто од своите капацитети во однос на нормалните услови. Сепак, се чини дека компаниите стануваат имуни на неизвесното економско окружување, па за нив тоа веќе не е најважниот фактор. Очигледно е дека деловната заедница научи како да се справува со стресот, дури и со недостигот од обртен капитал, но во последниот период најмногу ја мачи губењето на странските пазари. Статистички, над една петтина од компаниите меѓу најограничувачките фактори за нивниот развој, на прво место ја ставиле недоволната странска побарувачка. Попластично, за извозниците и натаму проблем број еден е што нивниот производ не котира добро на странските пазари, на што во мај годинава се пожалиле 21,3 проценти од нив.

Без конкретно посочување, но сепак е евидентно е дека пандемијата и предизборните најави индиректно влијаеја врз економијата, па оттука домашните менаџери, вкупната економска состојба на нивните претпријатија во мај годинава, ја оцениле како понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на мај 2019 година. Останува и проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, за што се жалат 18,4 проценти од компаниите. Но, менаџерите очекуваат и дополнително намалување на бројот на вработените во наредниот период.

Резултатите од анкетата што неодамна ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија, покажаа дека корона-кризата има големо влијание кај повеќе од 80 проценти од домашните компании, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Повеќе од 70 отсто од анкетираните компании сметаат дека за да ја одржат својата економска активност, треба да продолжи државната помош и да се прошири со даночни олеснувања и со дополнителна кредитна поддршка.

Оценката за тековната обезбеденост на производството со порачки во мај 2020 година, исто така, е понеповолна во однос на претходниот месец. Анализите за обемот на производството на претпријатијата во изминатите три до четири месеци покажува дека тоа варира, но сепак се понеповолни очекувањата за обемот на производството за наредниот период. Залихите на готови производи, се намалени.

Во редовната статистичка анализа на деловните тенденции во земјава, 12,7 отсто од менаџерите посочиле на недоволна домашна побарувачка, а за десетина отсто од нив, финансиските проблеми се ограничувачки фактор за зголемување на производството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот