Извештај на ЈО: Лани 528 лица биле однесени во притвор

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Бројот на сторители на кривични дела во 2019 година, бележи благо намалување по однос на кривичните дела сторени во 2018. Во извештајот за работа на Јавното обвинителствона РСМ за 2019, се вели дека минатата година се регистрирани точно 29.733 сторители на кривични дела (над 19 илјади полнотелни, повеќе од илјада сторители биле малолетни и над девет илјади се непознати сторители на крвични дела). Додека вкупниот број на сторители на кривични дела во 2018 година изнесува 31.511.

– Заедно со 15.340 незавршени предмети на крајот од 2018 година, Основните јавни обвинителства во текот на извештајната 2019 година постапуваа против вкупно 45.073 сторители на кривични дела, се вели во извештајот на ЈО на РСМ.

Според податоците на ЈО, во тек на 2019 година видно е зголемување на бројот на постапки во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое постапувало по кривични пријави против 862 полнолетни сторители на кривични дела, од кои новопримени се за 628 полнолетни лица, а пренесени од претходната година се постапки против 234 лица.

– Зголемувањето на бројот на полнолетни сторители на кривични дела во дел од обвинителствата се должи на различни основи, имајќи предвид дека и надлежноста е различна. Па така, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има посебна надлежност дадена со законските решенија и бројот на предмети по кои постапува не зависи само од реално сторените кривични дела, туку најмногу од ажурноста, подготвеноста на јавните обвинители да го гонат организираниот криминал и корупција. За потенцирање е дури 100 % зголемување на обемот на работата, односно дуплирање на бројот на лица против кои ова обвинителство отворило постапки, велат од обвинителство.

Во текот на извештајниот период, од поднесените кривични пријави против 19.078 полнолетни сторители на кривични дела, најмногу односно против 13.292 лица или 70,4 % кривични пријави поднело Министерството за внатрешни работи. Граѓаните поднеле кривични пријави против 2.679 лица или 14,2 %, други државни органи 816 или 4,3 %. Значителен е бројот на отворени постапки по допрен глас, односно по сопствена иницијатива на јавното обвинителство кој во 2019 година е 2,5 % од вкупниот број на пријавени лица.

– Постепеното зголемувањето на бројот на постапки отворени по сопствена иницијатива на јавното обвинителство, покажува дека јавното обвинителство постојано ги следи настаните, објавите во печатените и електронските медиуми и онаму каде што ќе оцени дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело, кое не е пријавено од надлежните институции или пак од страна на граѓани, врз основа на своите овластувања дадени со закон, по сопствена иницијатива поведува постапки, истакнуват од ЈО.

Зголемена примената на ПИ-мерките

На ниво на Република Северна Македонија во сите основни јавни обвинителства во текот на 2019 година применети се посебни истражни мерки од чл.252 од ЗКП во вкупно 103 случаи против 338 лица со утврден идентитет, 17 лица со неутврден идентитет и 313 предмети на кривично дело.

За компарација, во 2018 година во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки од чл.252 од ЗКП во вкупно 95 случаи против 317 лица со утврден идентитет и 551 предмети на кривично дело.

– Доколку се изврши анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2019 година, со бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2018 година, може да се констатира дека во текот на 2019 година постои зголемување на бројот на спроведени посебни истражни мерки, во однос на 2018 и тоа од 95 на 103 случаи што значи зголемување од 8,4%. Додека пак бројот на лица со утврден идентитет против кои се применети мерките е зголеменод 317 лица во 2018 година на 338 лица во 2019 година, што е раст од 6,6%, се вели во извештајот за работа на ЈО.

Од друга страна, во овој извештај се посочува дека во делот на мерките кои се применуваат според предмети постои значително намалување и тоа од 551 предмети на кривични дела во 2018 година на 313  во 2019 година или помалку за 43%.

Во 2019 година мерката притвор применета против 528 лица

Во последните пет години мерката притвор најприменета е во 2019 година, односно лани 528 лица биле однесени во притвор. Претходните години мерката притвор била под 500 притворени, односно во 2018 година, ова мерка била применета против 457 лица, во 2017 против 451 лице, во 2016 година против 322 лица и во 2015-та вкупно 370 лица биле спроведени во притвор.

– Ако се земе предвид дека во текот на 2019 година обвинителствата постапуваа против вкупно новопријавени 19.078 лица, се заклучува дека за само 2.7 % од сторителите е побарана оваа мерка. Примената на мерката притвор, обвинителството ја користи согласно закон, кога е единствен начин за обезбедување на натамошното непречено одвидање на кривичнаа постапка, велат од обвинителство.

Од годишните извештаи на јавните обвинителства произлегува дека мерката притвор против 230 лица била со времетраење до 30 дена, против 92 лица била со времетраење до 60 дена, против 105 лица до 90 дена и против 102 лица мерката притвор траела над 90 дена.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2019 година постапувало против 108 лица на кои им бил определен притвор, куќен притвор против шест лица и други мерки на претпазливост против 15 лица.

– Овие показатели укажуваат дека мислењето во јавноста дека основните јавни обвинителства премногу често ја предлагаат оваа најстрога мерка на обезбедување на присуство, е неосновано, бидејќи постојат основани причини согласно законските основи за определување на притвор. Статистиката покажува дека дури и против лицата кои се гонат за тежок организиран криминал и корупција кои се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите случаи не се користи оваа мерка, туку само таму каде навистина користењето на другите видови на мерка не би ја постигнале целта на кривичната постапка. Дотолку повеќе што и во тоа јавно обвинителство како што се утврдува од статистичките податоци постои нагорен тренд на поголемо користење на другите видови на мерки, се вели во извештајот на ЈО на РСМ.

Воедно, во ово извештај се вели дека откако фактички ќе започне примената на Законот за пробација, предлагањето на мерката притвор дополнително ќе се намали.

Меѓу другото во овој извештај се потенцира дека во 2019 година јавните обвинителства поднеле обвиненија против вкупно 9.163 лица, што е за 475 лица повеќе во однос на 8.688 во 2018 година, односно зголемување за 5,46%. Од вкупниот број на обвиненија, против 4.578 лица поднесени се обвинителни предлози, против 3.488 лица предлози за казнен налог, а против 1.097 лица поднесени се обвинителни акти по спроведена истрага.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот