ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА: Романија недоволно посветена на борбата против корупцијата, пофалби за Бугарија и Хрватска

ЕК го објави својот годишен извештај за Бугарија и Романија. Целта на овој извештај е да се „измери“ колку двете земји напреднале во неопходните реформи на нивните судски системи, борбата против корупцијата, и особено за Бугарија, борбата против организираниот криминал, објави „Дојче веле“.

Втора година по ред, Комисијата забележа сериозни проблеми кај романската влада, велејќи дека има „голема загриженост“ за романското „уназадување од направениот напредок“ на полето на владеење на правото, реформи кои беа неопходни за нивното влегување во Европската Унија на 1 јануари 2007 година.

– Еволуцијата на ситуацијата во првите месеци од 2019 година се извор за голема загриженост – стои во извештајот, кој констатира дека доколку Букурешт „силно не се посвети на независност на судството и борбата против корупцијата“, тие би можеле да преземат казнени мерки.

На премиерката на Романија, Виорика Данчила, ѝ беше изгласана недоверба во парламентот предходно овој месец, откако се појавија поплаки за корупција поврзани со поранешниот лидер на нејзината Социјалдемократска партија.

Лидерот на конзервативната опозиција Лудовик Орбан во моментов се обидува да формира нова влада, но доколку не успее, на повидок се предвремени избори.

Дури и пред преземањето на власта од страна на Данчила во јануари 2018 година, ЕУ имаше поплаки дека неколку последователни влади во Букурешт работеле во насока на ослабување на националната антикорупциска агенција и активно се мешале во нивните истраги за корумпирани официјални лица.

Добри вести за Бугарија и Хрватска

Бугарија, од друга страна, доби добри оценки во овогодинешниот извештај од Комисијата, во кој стои дека Софија „конзистентно работела“ за да ги исполни своите обврски во борбата против организираниот криминал и реформите во судството.

– Комисијата конкретно ја забележува посветеноста на бугарската влада да воспостави процедури во врска со одговорноста на генералниот обвинител, вклучувајќи и заштита на независноста на судовите – стои во извештајот.

Добри вести има и за Хрватска, која е во Европската Унија, но не и во Шенген-зоната.

– Пофалба за Хрватска и нејзините напори и упорност за да ги исполни сите неопходни услови за да се приклучи на Шенгенот – рече претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, повикувајќи ги другите членки на Шенген-зоната да ги направат „вистинските чекори“ за Хрватска да се приклучи во зоната.

Загреб доби пофални зборови и за напорите при менаџирањето на надворешните граници на ЕУ. И Хрватска и Бугарија работат во насока на приклучување во Шенген-зоната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот